Книжевна награда ,,Роман на годината” на ,,Утрински весник” за 2016 година му припадна на романот „Собирачи на пепел“ од Давор Стојановски, издание на „Или-Или“.
Наградата ја додели комисијата во состав: Петар Андоновски (претседател), Гордана Михаилова Бошнакоска, писателка, Маја Бојаџиевска, професорка на Катедрата за општа и компаративна книжевност, Нове Цветаноски, публицист, литературен критичар и издавач, и Катерина Богоева уредничка на културната редакција на ,,Утрински весник”.
Давор Стојановски (1987) е писател, поет, преведувач и музичар. Магистрира на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, а делата му се застапени во домашни и странски антологии. Неговиот дебитантски роман „Ненасловена месечева соната“, влезе исто така во потесниот круг за наградата „Роман на годината“ за 2013 година.
-Романот ,,Собирачи на пепел”, во рамките на минатогодишната книжeвна продукција, претставува книжевно остварување кое се издвојува според својот особен стил, дело кое е изведено во духот на едно ново писмо. Романот обработува веќе познати егзистенцијалистички теми како што се чувството на осаменост, стравот од блискоста, проблематичниот топос на домот како место на припадност, постојаната потрага по среќата и смислата. Стојановски одлично владее со приказната, тој е ненаметлив и непретенциозен во пишувањето, а структурата на неговиот текст е цврста, што придонесува романот да биде и содржински и композициски убедлив. Но сепак, раскажувачката умешност на Стојановски доаѓа во полн израз преку начинот на кој е изграден ликот на Јаков, централна фигура во романот кој го преобразува типичниот егзитенцијалистички лик во анти-херој на постмодерните времиња. Осаменоста и невозможноста за поставување суштински блиски релации со другите се и неизбежно одредени од средината во која се одвива дејството. Стојановски прецизно ја доловува урбаната зачмаеност на Скопје кое се претвара во своевиден симулатор на половичните одлуки кои го водат Јаков. На тој начин, и Градот се трансформира во еден од ликовите во овој постмодерен егизстенцијалистички роман. Поради сите овие несомнени квалитети, комисијата одлучи да му ја додели престижната награда на „Утрински весник“, токму на романот ,,Собирачи на пепел”, се вели меѓу другото во одлуката на комисијата.
Од вкупно 28 пристигнати романи, покрај ,,Собирачи на пепел” од Давор Стојановски, во финале за наградата ,,Роман на годината” влегоа и романите на Ана Стојаноска ,,Јас и Лин, отпосле” и ,,Првиот универзитетски ден на мојата ќерка” од Игор Станојоски.
Стојановски е добитник и на наградата „Ана Франк“ за театарската пиеса „Буна на времињата“ (2005) и на откупната награда на конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“ за расказот „Соба со тенки ѕидови (Сонувајќи го Цејлон)“ (2011). Неговиот прв роман, „Ненасловена месечева соната“ (2013) влезе во потесниот избор со четири други романи, за наградата Роман на годината на „Утрински весник“. Овој роман е преведен и објавен на бугарски јазик („Безименна лунна соната“, Изида, Софија, 2016).
Пишува и позија и драмски текстови, како и критичка литература. Дел од неговото творештво е објавен во домашни и во странски антологии и книжевни списанија.
Во рамките на Фестивалот на урбани уметности (2006) се изведува неговиот драмски текст „Болка“ во мултимедијалниот центар „Мала станица“.
Работел како копирајтер во маркетинг-агенција и како уредник во издавачка куќа.
Застапен е во „Антологија на младата македонска авангардна поезија“, „Ветерот носи убаво време: Антологија на најмладата македонска поезија и проза“, „Лирски додекамерон (100 песни од младата македонска поезија)“, во зборникот на млади автори од екс-ју „Рукописи“, во српската антологија „Moćne strune: Antologija makedonskog pesništva (IX-XXI vek)“, и со расказ во австриската тематска збирка „Aus allen Richtungen: Karlsplatzierungen“ (Sonderzahl, Виена).
Преведува од словенечки. Досега објавени преводи: „Мојот чадор може да е и балон“ од Ела Пероци, „Педапед“ од Нико Графенауер, „Пекарницата Мишмаш“ од Светлана Макарович, „Мачорот Мури“ од Каетан Кович.
Како гитарист и текстописец членувал во групата Foolish Green, со кои го издава првиот албум Escape (2013).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.