| четврток, 6 декември 2018 |

И стечајниот управник го крадел ТАТ

СВР Битола поднесе кривична пријава против Д.Ј. (66) од Битола, поранешен стечаен управник на битолската штедилница ТАТ, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување.

Пријавениот, во својство на стечаен управник на штедилницата,  ја искористил својата службена положба и овластување во периодот од 2009 до 2016 година при авансни распределби на парични средства од стечајна маса,  на стечајниот должник ТАТ штедилница, несовесно постапувал со стечајната маса и за себе остварил имотна корист од 1.070.500 денари.

Пријавениот поднесувал предлози за авансна распределба на парични средства од стечајната маса, за што добивал решенија од Стечајниот совет, иако знаел дека на сметката на ТАТ нема доволно парични средства.  За да го обезбеди потребното салдо на парични средства за исплата на сите доверители, истиот  ги повлекувал паричните средства од доверители кои од различни причини не ги имале подигнато од своите сметки во Стопанска банка АД Битола, и на тој начин обезбедувал парични средства за нови исплати.

Процентуално, повторно ќе им биле исплатени  парични средства на доверителите, но само онолку колку им следува со новата распределба. Доколку се јавеле такви доверители кои не си ги имале подигнато средствата од претходни распределби, тогаш дополнително им се вршела исплата од сметката на ТАТ.

По донесувањето на секое решение за авансна распределба на парични средства од стечајната маса, пријавениот поднесувал барање до Стечајниот совет, за добивање дополнителна парична награда одредена според Правилникот за награда и надомест на реално потребни трошоци на стечајниот управник.

Судскиот совет во пет наврати донел решенија со кои му се одредува парична награда во вкупен износ од 1.070.500 денари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top