| четврток, 6 декември 2018 |

Во „Антолог“ за 10 дена – 10 македонски дела

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје најави дека во текот на 10 дена секој ден ќе објавува по едно дело од македонски автор! Од поезија и романи, преку есеистика, до книги за деца – „Антолог“ ќе објави 10 дела од веќе познатите, но и од млади автори, со што ќе придонесе за поддршка и за збогатување на македонската креативна ризница.

Така, вчера во „Антолог“ излезе четвртата по ред поетска збирка од Емил Калешковски, насловена Пропаганда (омаж на заменките), составена од три раздели со вкупно триесет и три песни. Поезијата на Калешковски се движи во апсурдни семантички координати со жестока иронија и сарказам кон сè што претставува (лажен) авторитет и (сомнителна) веродостојност.

Денеска од печат излегува теоретско-есеистичката книга Вивисекција на македонската народна приказна од Лилјана Пецова-Илиевска, која при обидот да одговори на низа прашања што ги наметнува поставената тема, има цел да го насочи вниманието врз структурата и семантиката на реалистичката народна приказна. Kако апликативен материјал се избрани 100 приказни, при што конечната определба се исчитувањето и расчленувањето на текстовите на нивоа и на групи.

„Антолог“ ќе ја објави и јубилејната 35-та книга на Велко Неделковски, романот Се буди ѕверот, приказна што се случува ОВДЕ и СЕГА, во современиот општествен вриеж, своевидна сага за животот на неколку наши (пост)транзициски фамилии. Со модерен книжевен израз и со изграден стил, во избалансиран однос меѓу епското, лирското, драмското и ироничното, Неделковски раскажува трагикомична полифонична приказна за нашето опстојување на овие простори.

Книгата Мултикултурализмот кај децата од Сања Стојанова содржи  проучување на  некои ставови и мислења на одделенските наставници за застапеноста на содржините од областа на мултикултурното воспитание, како и за содржините посветени на етничките заедници од Република Македонија во основното образование. Мултикултурализмот е актуелно прашање во современите образовни системи и зазема мошне значајно место во предметите што се застапени во основното образование.

Во „Антолог“ ќе излезе и романот Ананка од Јусуф Сулејман, кој зборува не само за социјалните проблеми на Ромите туку и за Ромите што живеат во Македонија, за изворниот бит на Ромите и за нивната поврзаност со човештвото, со космосот и со вечноста. Јусуф Сулејман е познат романсиер и раскажувач, кој пишува и на македонски и на ромски јазик.

Еден од омилените македонски поети на сите генерации, Ѓоко Здравески, традиционално во „Антолог“ ќе ја објави својата четврта поетска збирка, Дедикар Икарал. Централната идеја на книгата е содржана токму во неологизмот на Горан Стефановски, кој од двајцата митски ликови Дедал и Икар прави еден, Дедикар Икарал, кој се родил со крило на левата рака и со ѓуле на десната нога. Практично, во овој неологизам е содржана целата метафора за лирскиот субјект.

Неколкудеценискиот творечки опус на Александар Кујунџиски, со книгата од сто и педесет песни за деца Штраке-штруке, афирмативно и препознатливо се движи кон новите и актуелно отворени книжевни нагорнини. Како што вели и Мито Спасевски во рецензијата кон ова дело: „Неговата творечка енергија напливнува речито и говорливо низ отворениот творечки хоризонт што ја исцртува мапата на детството и на детскиот свет. Срочен во податливите формати на различните книжевни родови и жанрови, Кујунџиски се олицетворил низ сите творечки исказности“.

Горенаведените книги се објавени со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија.

Книгата Рашомон – државен непријател од Ставре Џиков и Марјан Иваноски претставува своевидна сага за т.н. македонска политичка емиграција, преточена низ призмата на лик што го симболизира наративот на идеолошко-политичката кованица од еден репресивен систем – Драган Богдановски. Требаше да поминат дури 37 години за да се расветли животописот документиран низ голем број полициски, судски и затворски списи. Во тој контекст се презентираат и адвокатското досие на неговиот бранител, како и документите за барањето судска рехабилитација и за повторената судска постапка.

Од „сказни за големи деца“ до „раскази за сечиј вкус“, таква е траекторијата книгата Мулен руж од Вера Лилчиќ. Преку овие (нај)куси прозни творби ќе патувате во просторот и во времето. И назад. Стилот на Лилчиќ ќе нè натера да го слушнеме џагорот на Париз, но и да се нурнеме во кршливите длабочини на човековата интима.

Сè за Порече и Порачани од Саво Костадиновски е најновото дело на овој наш автор од дијаспората, во кое е направен сплет од патописно-монографски и поетски содржини, дополнети со впечатливи стари и новоснимени фотозаписи, сето тоа инспирирано од места, настани, луѓе и сеќавања од поречкиот регион на нашата Македонија.

– Како издавачка куќа остануваме доследни на тоа да ги поддржуваме македонските автори и нивните дела, при што во нашата продукција секогаш има простор за докажаните автори со кои веќе долги години соработуваме, но и за новите досега необјавени автори кај кои ќе препознаеме квалитет. Жанровската разноликост, секако, претставува дополнителен предизвик – велат од „Антолог“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top