„Dance Alone“ е насловот на eвровизиската песна со којашто Јана Бурческа ќе ја претстави Македонија на 62. издание на изборот за песна на „Евровизија“, коешто ќе се одржи во Киев, Украина од 9 до 13 мај.
Песната „Dance Alone“ е оригинално авторско дело на Хоаким Персон, Алекс Омар, Флоренс А. и Боби-Леон Миланов, сите дел од „Симфоникс интернешнл“ (SYMPHONIX INTERNATIONAL), реномиран музички бренд кој низ годините има остварено значајни евровизиски достигнувања, како и соработки со светски познати артисти, меѓу кои Кели Кларксон, Џон Леџенд, Кајли Миног, Лејди Гага, Мери Џеј Блајџ, Мајли Сајрус, Селена Гомез, Армин ван Бурен, Кончита Вурст и Џамироквај.
Дел од авторите беа потписници и на „Лисја есенски“, песната со која Даниел Кајмакоски ја претставуваше Македонија.
– Добивме повеќе од двесте песни, меѓу нив навистина прекрасни музички дела, но уште од самиот почеток на отворениот повик во ноември 2016-та „Dance Alone“ на целиот тим ни остана длабоко врежана во меморијата. Сметаме дека имаме фантастична песна, којашто совршено го отсликува темпераментот и енергијата на Јана, а ни дава и одлична подлога за спектакуларен сценски настап – изјави Мери Попова, шеф на македонска евровизиска делегација.
Видеоспотот за „Dance Alone“ е работен според оригинална идеја и режија на младиот и талентиран режисер од Русија, Сергеј Железко, којшто работи за „Бојана филм“ во Софија, кадешто и беше снимено видеото.
– Многу е лесно да се работи кога музиката е одлична и ти дава доволно инспирација. Јана е исто така прекрасен уметник, се обидовме да ја оживееме и продлабочиме приказната на песната, за да наликува видео спотот на еден мал краток филм – изјави Сергеј Железко.
Веќе се работи и на осмислување на кореографијата и сценскиот настап за Јана Бурческа, за што е задолжена Амбра Сучи, танчер, кореограф и уметнички директор од Шведска.
Во нејзиното портфолио Амбра има запишано повеќе успешни сценски настапи на Евровизија, меѓу кои оној на Поли Генова (2016), како и победничкиот настап на Лорин за „Еурофија“ (2012).
За стајлингот на Јана ќе биде задолжена Антонија Ристовска, истакната македонска дизајнерка, со којашто Јана и досега соработувала за сите позначајни настапи во нејзината кариера. Официјален шминкер за Јана во Киев ќе биде Александар Билјановски-Дадар.
Македонската радиотелевизија и годинава се погрижи нашиот претставник да има богата промотивна турнеја, па Јана ќе ја промовира „Dance Alone“ на најголемите евровизиски промотивни концерти во Лондон, Тел Авив и Амстердам.
Јана Бурческа настапува на 11 мај во првата половина на второто евровизиско полуфинале, а дополнително се очекува од продуцентите на шоуто да биде одреден и конечниот редослед.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Шок во Бордо: Суботиќ во бесознание, доби удар од голманот на Ст.Етјен
-
Кузмановска: Неспособната власт ги задолжи граѓаните за нови 21,1 милион евра
-
И јас трпев насилство од поранешниот партнер: Министерката си ја отвори душата!(видео)
-
Руси масовно дрифтаат во снег, ни полицијата не им може ништо (Видео)