| четврток, 6 декември 2018 |

Ибрахимовиќ во МЛС-лигата за куп пари?!

ibrahimovic-man-utd-southempton

Златан Ибрахимовиќ би можел да го напушти Манчестер јунајтед откако беше обелоденето дека ЛА галакси подготвува мегапонуда за да го доведе шведскиот ас пред завршувањето на неговата кариера. Газдите на овој тим важат за многу амбициозни, но и за луѓе кои најчесто ги реализираат своите планови, па така токму ЛА галакси го доведе Дејвид Бекам како прва европска суперѕвезда во МЛС, а потоа и Стивен Џерард кога капитенот на Ливерпул реши да си замине од „Енфилд“.

„Спортс илустрејтид“ објави дека веќе е стартувана првата фаза од преговорите со Ибракадабра, кој има право да разговара со други клубови бидејќи договорот со Манчестер јунајтед му истекува за три месеци. Иако двете страни се задоволни од соработката, Ибрахимовиќ најавил дека ќе почека да го види пласманот на тимот на крајот на сезоната, пред конечно да „пресече“ дали и во следната сезона ќе настапува за тимот на Жозе Мурињо.

Последните информации велат дека Златан би можел да донесе конечна одлука и порано, откако финансиските услови што му биле понудени од страна на ЛА галакси биле фантастични. Станува збор за понуда повисока од онаа на јунајтед, со која Ибракадабра би станал убедливо најплатен фудбалер во МЛС-лигата. Тука е и можноста за живот во Лос Анџелес, наспроти Манчестер, што сигурно ќе биде важен фактор особено за семејството на фудбалерот.

Швеѓанецот викендов ќе почне да ја одработува суспензијата од три натпревари, па нема да настапи за Манчестер јунајтед на четвртфиналниот дуел од ФА Купот против Челси.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top