| четврток, 6 декември 2018 |

Портрет на поетесата Даница Ручигај за ДПМ

Во Друштвото на писателите на Македонија беше предадена на подарок уметничка слика – портрет со ликот на поетесата Даница Ручигај, дело на ликовниот уметник Ставре Димитровски Стадим…

По повод 70-годишниот јубилеј на ДПМ, сликата ја донира Златица Поповиќ, сестра на поетесата Ручигај, која загинала во скопскиот земјотрес во 30-тата година од животот.

Претседателот на ДПМ Веле Смилевски изрази благодарност за донацијата и истакна дека се реализира една дамнешна идеја, желба и порака на нашата поетеса Гордана Михаилова Бошнакоска, домот на македонските писатели да се збогатува и со слики на жени писателки кои оставиле траги во развојните процеси на литературата.

– Портретот на Даница Ручигај го примаме со радост и тој во збирката на ДПМ ќе биде уште еден знак на респект кон вредностите создавани во македонската литература и култура, истакна Смилевски.

Додаде дека портретот на Даница Ручигај станува составен дел на богатата збирка на ДПМ, од 112 уметнички слики и скулптури со ликовите на Св. Климент Охридски, Браќата Миладиновци, Крсте Петков Мисирков, Никола Вапцаров, Кочо Рацин…

Златица Поповиќ се осврна на животот и делото на Даница и нагласи дека таа еден дел од својата младост поминала во ДПМ, другарувајќи, и дебатирајќи со тогашните писатели, книжевни дејци, уметници и новинари кои ги ставија темелите на македонската книжевност и култура.

– Даница Ручигај е првата македонска поетеса со издадена книга поезија „Сребрени ноќни игри“ печатена од издавачката куќа „Кочо Рацин“ во јануари 1960 година. Даница живееше за уметноста и од уметноста, рече Поповиќ.

Творештвото на Ручигај го претстави и м-р Мирјана Стојановска, која истакна дека оваа поетеса зад себе остави две книги поезија „Сребрени ноќни игри“ и „Заробеници на ветрот“, во ракопис и објавена постхумно во 1963 година.

– Поетиката на Ручигај остави длабоки траги во македонската поезија, не само затоа што е прва поетеса, туку заради иновативноста која таа ја донесе во женската љубовна лирика, рече Стојановска.

Промоцијата на портретот на Ручигај во ДПМ е во пресрет на меѓународниот ден на жената. Во состав на Друштвото на писателите на Македонија работи Клуб на писателките именуван по Даница Ручигај, а нејзиното име го носи и наградата која ДПМ ја доделува за најдобра стихозбирка на годината од поетеса, членка на македонската писателска асоцијација.

Даница Ручигај е родена во 1934 година во Скопје, а животот трагично и завршува во земјотресот во 1963 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top