| четврток, 6 декември 2018 |

Се предлага субвенции да се исплаќаат по конституирање на Собранието, а не по формирање влада

цветко

Земјоделските субвенции да може да се исплаќаат по конституирање на Собранието, а не како што предвидува актуелниот Закон за избори, по формирање влада, предлага Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Како што соопшти денеска ресорниот министер Михаил Цветков, ваквиот предлог, за измена на Законот за избори, е веќе изготвен, доставен и треба да се разгледа на утрешната владина седница. Целта е субвенциите да се исплаќаат навреме, без какво било задоцнување.

– Доцни исплатата на субвенциите поради Законот за избори кој предвидува да не исплаќаме субвенции 20 дена пред почеток на кампања и се до формирање влада, совет на општина или избор на претседател на државата. Затоа, ние дадовме предлог за измена на Законот според кој, субвенции нема да има 20 дена пред почеток на кампања и до конституирање на Собрание. Доколку Собранието бргу заседава и го изгласа овој предлог, ќе може да почнеме веднаш со исплатата, рече Цветков по средбата со претставниците на земјоделските задруги, откупувачите, преработувачите и земјоделските аптеки во Струмица.

Одговорајќи на новинарски прашања, министерот се осврна и на извозот на земјоделските производи, посочувајќи дека минатата година се реализирани 530 милиони евра што е девет проценти повеќе во однос на 2015-та кога се остварени 486 милиони, додека увозот е минимално зголемен, за 2,5 отсто.

– Зголемувањето на извозот е потврда дека напорите даваат резултат. Очекувам во наредните години овој тренд да продолжи и повеќе да извезуваме отколку да увезуваме. Но, за тоа треба упорна работа и договарање, нагласи Цветков и додаде дека лани увозот бил 718 милиони евра, а преклани 700 милиони.

цветко2

Минатата година, потенцира, енормно е зголемен пласманот на македонските земјоделски производи на рускиот пазар, за дури 72,25 отсто, од што се реализирани 30 милиони евра. – Ни се отвора огромен пазар. Затоа на 23 март ќе отвориме еден деловен простор каде што сите стопанства и преработувачи ќе може да ги пласираат своите производи и да најдат бизнис партнери и пазар, објасни Цветков.

Средбата во Струмица беше со цел поставување основа за договорно производство.

Од лани го договоривме овој состанок зашто добивме уверување од преработувачите дека на почетокот на годината ќе ги имаат конкретните договори кои ќе ги склучат за извоз и ќе знаат што им треба. Така ќе може и да ги дефинираат цените за земјоделските производители. Сакаме заеднички да ги разгледаме проблемите и да помогнеме во овој процес во почетокот на годината, рече министерот за земјоделство Михаил Цветков.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top