| четврток, 6 декември 2018 |

Штипјани категорични: Сега е часот да застанеме на патот на ова сценарио и на оваа антимакедонска стратегија!

Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ вечерва во Штип го одржа вториот граѓански марш. Штипјани најавија дека и понатаму ќе ги поддржат протестите на здружението „За заедничка Македонија“ и оти од ден на ден ќе бидат помасовни, се до остварување на конечната цел-зачувување на македонската самобитност и сувереност.

Според нив, преку непочитување на волјата на мнозинството македонски граѓани, а со помош од надвор, домашните платеници се обидуваат преку двојазичност да не втурнат во кантонизација и федерализација.

– Сега е часот да застанеме на патот на ова сценарио и на оваа антимакедонска стратегија. Мора да бидеме подготвени и да ги искористиме сите средства кои ни стојат на располагање – истакна Марија Кускинска.

Бажо Китанов, долгогодишен декан на Педагошкиот факултет и универзитетски професор по македонски јазик истакна дека двојазичноста нуди осаменост, а оние кои сметаат дека имаат две татковини, два јазика и две мајки, како што рече, осудени се на две туѓини, две маќеи и половина јазик.

– Може да се разговара, преговара и договара за се што е важно од животот на секој граѓанин, но не и за нашето свето тројство, името, јазикот, идентитетот – изјави Китанов.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top