| четврток, 6 декември 2018 |

Конгресмени незадоволни од одговорот на Бејли, бараат истрага за Амбасадата и УСАИД

­

02

Група од седум американски конгресмени испратија писмо до американската Канцеларија за oдговорност на Владата (ГАО) во кое бараат да се поведат ревизија и истрага за работата на Стејт Департментот и агенцијата за развој УСАИД, затоа што се однесувале партиски и ги финансирале активностите на Фондацијата Отворено Општество на Џорџ Сорос во Македонија.

– За жал, слушнавме веродостојни извештаи дека во изминатите две години американската Амбасада во Македонија активно се мешала во меѓупартиските политички прашања во Македонија, како и дека влијаела да се обликуваат медиумската средина и граѓанското општество на начин кој е неприфатливо партиски и притоа, директно или индиректно, влијаела врз исходот на изборите во Македонија. Според овие информации, интервенциите секогаш биле во полза на партиите, медиумите и граѓанските организации од левицата. Информирани сме дека и УСАИД Македонија силно ги поддржувал овие партии во пресрет на изборите, пишува во писмото потпишано од конгресмените Кристофер Смит, Ренди Халтгрен, Роберт Адерхолт, Луи Гомерт, Роберт Питенгер, Џеф Фортенбери и Трент Френкс.

Писмото е испратено на 24 февруари и е адресирано до генералниот инспектор Џин Додаро, кој ја води институцијата ГАО и има право да поведува истраги и ревизии во случаи на злоупотреба на финансиските средства од страна на државни функционери. Ова е една од неколкуте истраги и ревизии кои овие седуммина конгресмени, засилени од сенаторот Мајк Ли ги најавија за американската Амбасада и за мисијата на УСАИД во Македонија.

03

Во средината на јануари конгресмените испратија писмо до амбасадорот Џес Бејли, во кое побараа одговори за обвинувањата за негово партиско однесување и финансирањето на партиски поврзани невладини организации најдоцна до 31 јануари.

– Одговорот што го добивме на 6 февруари е премногу општ и тој не даде одговор на прашањата кои ние ги покренавме. Поради тоа, со цел да имаме независна ревизија и истрага, решивме да се обратиме до вашата канцеларија. Конкректно очекуваме од вас да добиеме одговори на прашањата колку средства од буџетот на американската Влада, од сите можни линии, биле одделени за Фондацијата Отворено Општество и со неа поврзаните институции во сите држави каде што се основани во фискалните години од 2012 до 2017. За кои цели вообичаено се доделуваат овие средства? Конкретно за Македонија, ве молиме објаснете ги правните основи за сите актуелни и тековни грантови, договори и други начини на финансирање, вклучително и начините на кои тие може да бидат раскинати, пишува во писмото на седуммината конгресмени до владината инспекциска служба.

Во писмото се отвораат прашањата зошто американската Амбасада во Скопје воопшто ја одбрала Фондацијата Отворено Општество Македонија како изведувач на значителен дел од проектите на УСАИД, и се прашува дали невладините организации поврзани со ФООМ биле активни во изборната кампања или при формирањето на Владата. Групата конгресмени предводени од Кристофер Смит бараат истрагата на ГАО да обезбеди информација за тоа колкав процент од американските средства за развој на демократијата во Македонија, медиумите и граѓанското општество и биле доделени на Фондацијата Отворено Општество на Џорџ Сорос.

Имајќи го предвид учеството на организации финансирани од Сорос во протестите во Македонија, конгресмените го поставуваат прашањето “дали некоја организација, институција, група или индивидуалци кои директно или индиректно преку Фондацијата Отворено Општество Македонија добиваат американски средства, биле вмешани во насилство против други личности или имот, и дали полициски офицери или припадници на други безбедносни институции биле повредени како резултат на тоа насилство?

04

Во писмото на конгресмените се поставува и прашањето дали амбасадорот Џес Бејли или други лица од Амбасадата биле активни во преговорите да се одложат предвремените избори, на начин на кој кореспондирал со интересите некои од партиите. Од инспекциската служба ГАО се бара да ја провери и законската основа, според Виенската конвенција и други норми кои го регулираат однесувањето на дипломатите, за случаи кога дипломатите ги кршат законите на земјата во која се испратени, се мешаат во внатрешните работи на земјата или во домашните политички кампањи. Во писмото се бара од ГАО да отпочне истрага за работата на Амбасадата во Скопје и мисијата УСАИД Македонија и најдоцна во рок од еден месец да даде информација за напредокот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top