| четврток, 6 декември 2018 |

Како парите на УСАИД завршуваат во СДСМ?

На страницата на „Фејсбук“ на американската амбасада во Македонија последниве денови можеме да забележиме зачестени објавувања со графикони, кои укажуваат на тоа каде биле трошени средствата од УСАИД што влегуваат во Македонија. Не е јасно зошто токму сега има ваков отчет, можеме само да претпоставиме дека тоа е резултат на информациите што велат дека Стејт департментот ќе отвори истрага токму на оваа тема, но, нејсе, и покрај тоа, повторно немаме детален преглед каде се трошени средствата, туку имаме само поделба по сектори

Никола Србов

Никола Србов

За да се дојде до информација каде, навистина, се трошени средствата од УСАИД потребно е многу истражување и споредбена анализа на информациите од повеќе извори бидејќи тие често се контрадикторни едни со други.

Финансиите што САД ги имаат инвестирано во Македонија преку УСАИД се импозантни и јас лично сум пресреќен што нашата држава добиваше таква поддршка во минатото. Но, не може а да не се забележи дека последните четири години средствата што пристигнуваат од даночните обврзници на САД директно или индиректно одат во полза на политичка партија во државата.

За вмрежаноста на УСАИД Македонија со Сорос досега имавме пишувано и зборувано во многу наврати, со конкретни примери. За да бидеме доследни во изнесувањето факти, тука ќе потсетам на само уште еден од многуте примери. Станува збор за 27 грантови доделени на граѓански организации во јануари 2015 година во висина од 868.670 долари. На конкурсот се пријавиле 151 граѓанска организација, а средства добиле 27 организации и, по некоја „случајност“, станува збор за организации што подоцна беа дел од „Граѓаните за Македонија“ – коалиција на СДСМ со Соросовите организации. Меѓу другите, од даночните обврзници на САД пари добила „Цивил“ на чиешто чело стои Џабир Дерала, кој е еден од најгласните членови на „шарената револуција“. Како што може да се види, „Цивил“ преку ФООМ е директно финансирана од УСАИД, а од тоа што можеме да го согледаме во јавноста лесно е да се установи дека „Цивил“ и Џабир Дерала најпристрасно поддржуваат една политичка опција во Македонија.

kol234-srbov-usaid-mkd-dollar

Сепак, воопшто не е спорно што Дерала поддржува некаква политичка опција, тоа е легитимно право на секој човек, но не е дозволиво капацитетите на невладината организација да ги подредува во полза на политичка партија бидејќи тие капацитети се здобиени од УСАИД, од пари на даночни обврзници. Само за потсетување, на денот на изборите Џабир Дерала во многу наврати излегуваше на прес-конференции и алармираше за наводни нерегуларности, за на крај ваквите евентуални нерегуларности да ги сведе на изборните места каде што СДСМ имаше определено да се прегласува и за кои имаше поднесено приговори до ДИК. Истата „Цивил“ на Дерала како свој стручњак го има Сашо Ордановски, кој преку своите анализи, поставени во видеоформат на страницата на „Цивил“, често шири говор на омраза, но за тоа во друга пригода.

Сумите што ги гледате на графичкиот приказ се финансиите што УСАИД директно ги внела во Соросовата ФООМ во периодот 2013-2016 година, без во нив да се вклучени финансиите што УСАИД ги префрла на организации што се под капата на ФООМ. Токму поради ова, конгресменот Трент Франкс, најавувајќи ги новите истраги на Генералниот инспекторат и на Генералната канцеларија за сметководство на САД, изјави дека е недозволиво американски пари да одат во организации поврзани со Џорџ Сорос. Тоа, едноставно, не е принципиелно. На ова се надоврза и Стив Бенон, најблискиот соработник на Доналд Трамп, кој почна да се интересира за Соросовите организации во регионов и како се вмрежени со УСАИД. Анализирајќи го посредното финансирање на Сорос во Македонија од страна на УСАИД, можеме да заклучиме дека во 2015/2016 година овој тренд се зголемил и било избегнато директното префрлување парични средства на сметката на ФООМ од страна на УСАИД.

Патот на финансиите

Како завршуваат паричните средства на даночните обврзници на САД на сметката на една политичка партија во Македонија? Соработката меѓу УСАИД и Сорос веќе ни е позната, но интересна е шемата по која парите завршуваат во СДСМ.

УСАИД по основа на донации за проекти префрла парични средства на сметката на ФООМ. Од тука има разгранување, два правци, кои водат до иста цел. Првиот е, ФООМ префрла средства на три авторски агенции, од авторските агенции средствата се префрлуваат на сметките на активисти што ги гледавме на сите протести организирани од СДСМ. Вториот правец е, ФООМ префрла пари на своите организации-ќерки, а тие во вид на хонорари им ги префрлаат на активисти. Активистите што добиваат парични средства од авторските агенции подоцна се појавуваат како донатори на политичката партија СДСМ.

Сето ова отвора сомнеж дека се врши злоупотреба на парични средства што САД со децении ги доделуваат за развој на државите, меѓу кои и Република Македонија. За жал, место овие парични средства да се користат за унапредување на нашето општество и за зближување на двете земји и народи, тие се користат за наше општествено, економско и безбедносно уназадување преку создавање политичка криза во државата. Јас се надевам дека новата администрација во САД ќе го спроведе тоа што го вети, ќе ги пресече сите дејства што создаваат јаз меѓу САД и неговите партнери во светот. Време е нештата да се променат и заедно со САД да растат и неговите партнери.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top