| четврток, 6 декември 2018 |

ВМРО-ДПМНЕ: Во Македонија има политичка криза која требаше да се разреши со избори, на кои ВМРО-ДПМНЕ победи

v

Актуелните политички случувања во Македонија и чекорите кои би се преземале во иднина, беа тема на денешната средба на претседателот на ВМРО  ­ДПМНЕ Никола Груевски со британскиот министер за Европа и Америка, Алан Данкан и амбасадорот на Велика Британија во Македонија, Чарлс Гарет. Од ВМРО ­ДПМНЕ истакнале оти во Македонија има политичка криза која требаше да се разреши со избори, на кои ВМРО­ДПМНЕ победи со 51 пратеник, а опонентот СДСМ имаше 49 пратеници.
Од партијата соопштуваат дека на правилото дека победникот кај македонските гласачи мора секогаш да коалицира со победникот кај албанските гласачи најмногу се повикуваа токму од партијата ДУИ. Тогаш и меѓународната заедница нѐ советуваше да го прифатиме тоа правило како принцип… Сега првпат дојде обратна ситуација, сега од ДУИ зависи каква ќе биде идната влада, соопшти ВМРО­ ДПМНЕ.
Од ВМРО­ ДПМНЕ додаваат дека ако сега се случи прекршување на принципот, тој во иднина никогаш повеќе нема да важи.
 -Ние сме под голем притисок на нашите гласачи и нашето членство да се бориме и да не го дозволиме нарушувањето на тој принцип, затоа што во основа ние правично постапуваме цело време и сега некој друг не постапува правично кон нас – појасниле од ВМРО­ ДПМНЕ.
Министерот Данкан, стои во соопштението, праша и што ќе се случи ако ДУИ решат да одат со СДСМ и со другите помали албански партии, дали тоа ќе е нелегитимна влада, на што од ВМРО ­ДПМНЕ беше посочено дека во нашето општество на тоа се гледа како на нелегитимна влада заради нарушениот принцип „победник со победник“, а посебно проблематично е што ДУИ преку ова коалицирање сака да издејствува неуставен закон за употреба на албанскиот јазик.
-Ние ќе направиме сѐ што е во наша моќ да ги задржиме мирот и стабилноста, но не знаеме како ќе се одвиваат работите. Ќе има тензија, луѓето се вознемирени, тоа е главната тема во нашата држава. Македонците поради тоа се длабоко фрустрирани особено што ова се прави поради неуставен закон за двојазичност на целата територија. Не сме убедени и дека една таква влада може да ги постигне тие цели во една таква атмосфера. Затоа предложивме дека е добро да се направат нови парламентарни избори – одговориле од ВМРО­ ДПМНЕ.
Државниот британски министер Алан Данкан, според ВМРО ­ДПМНЕ истакнал дека заеднички интерес е да се остварат долгорочните цели на државата врзани со нејзините приоритети и нејзините интереси.
 -Што се однесува до формирањето на влада, тоа не е наша работа. Тоа е ваша работа, работа на партиите, навел Данкан  – соопшти ВМРО­ ДПМНЕ.
Амбасадорот Гарет прашал која би била реакцијата доколку ВМРО­ ДПМНЕ не направи влада со ДУИ, односно кои се следните чекори и дејства на ВМРО ­ДПМНЕ со цел да ја изрази волјата на своите избирачи. Од ВМРО ­ДПМНЕ одговориле дека за тоа ќе информираат кога ќе се донесе одлука за тоа, како и дека има долга листа на чекори, но што од тоа би одбрале не би можело да биде соопштено во овој момент.
На средбата присуствувале и членот на ИК на ВМРО­ ДПМНЕ Никола Попоски и секретарот на ВМРО­ДПМНЕ за меѓународна соработка Александар Николоски, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top