Во овој момент тешко е да се прогнозира кога и во каква форма би формирале влада или дали би се одлучиле на повторни избори, но праксата ни покажа дека најдобро е кога има влада со политички мандат, која може да носи одлуки и врз основа на одлуките одлучувате колку е успешна, изјави вицепремиерот и министер за надворешни работи Никола Попоски во интервју за Хртватската телевизија.
– Веројатно економската димензија е и најголемиот мотиватор за побрза стабилизација. Политичката криза веројатно ни го забави економскиот раст кој и претходно беше меѓу најдобрите во регионот се уште останува добар, но веројатно многу подобро би направиле доколку се затвори кризата. Еден дел, би рекол, главниот дел од затворањето на таа криза е успешно спроведените парламентарни избори во декември и тоа беше еден предуслов од политичкиот договор кој го постигнавме во земјата. Во овој момент тешко е да се прогнозира кога во каква форма би формирале влада или дали би се одлучиле на повторни избори, но праксата ни покажа дека најдобро е кога имате влада со политички мандат, која може да носи одлуки и врз основа на одлуките одлучувате колку е успешна, рече Попоски запрашан кога и дали Македонија ќе добие стабилна влада.
За тоа како ги коментира обвинувањата за „владата на Груевски за пресметка со политичките неистомисленици или гушење на медиумските слободи“, Попоски истакна дека оваа тема прилично се злоупотребува и оти работите треба реално да се гледаат.
– Мислам дека поприлично многу се злоупотребува темата и се фаќа страна во однос на една или друга политичка опција. Треба да ги погледнеме работите реално. Владата предводена од Никола Груевски успеа да направи најдобри економски резултати, да направи реформи, да добие шест, седум практично препораки за почеток на преговорите и да дојде во 2008 година во ситуација во која сите услови за членство во НАТО се постигнати. Доколку не била успешна, доколку немало доволно демократски процеси кои би овозможувале да напредуваме во тоа па како сме ги добиле тие препораки и како сме стигнале до ситуација уште во 2008 да констатираат дека се исполнети сите услови за почеток – 2009 за почеток на преговори со ЕУ, а 2008 дека Македонија ги има исполнето сите услови за членство во НАТО? Треба да видиме што е причина што е последица. Доколку тогаш се затвореше прашањето, Македонија беше во НАТО и почнеше преговори за ЕУ легитимно е да прашаме дали ќе дојдевме до ваква тешка политичка криза која следеше во годините потоа, истакна Попоски.
За тоа како после учеството на Минхенската безбедносна конференција ја коментира напнатоста во југоисточниот дел на Европа и дали Македонија е една од точките – жаришта, Попоски оцени дека најчесто тензиите во регионот се поврзани со недостаток на интеграција во НАТО и во ЕУ.
– Најчесто кои било тензии во нашиот регион се поврзани со недостаток на интеграција и во НАТО и во ЕУ. Веројатно најголемата гаранција за стабилност во регионот е доколку сите земји од регионот се дел од ЕУ и оние кои сакаат да бидат дел од НАТО, исто така да бидат дел од НАТО. Во Македонија не би рекол дека се издвојува од останатите земји, но секако дека се чувствува фрустрација од задоцнетата интеграција во НАТО, која требаше да се случи во 2008 година и фактот дека Македонија нема преговори со ЕУ од 2009 година, посочи министерот Попоски.
Во однос на тоа што може Хрватска да помогне како члекна на ЕУ и НАТО, шефот на македонската дипломатија истакна дека Загреб може да биде најдобар гласноговорник за користа од водењето преговори за членство во Унијата.
– Ние имаме одлична билатерална соработка со Хрватска. Хрватска е во подобра позиција веројатно од мнозинството земји-членки на ЕУ и на НАТО бидејќи неодамна го помина истиот процес. Знае кои се предизвиците, но и знае кои се придобивките од членството. Од тој аспект мислиме дека Хрватска е можеби најдобар гласноговорник во рамки на ЕУ за тоа колку е корисно да се водат преговори за членство во Унијата, истакна Попоски во интервјуто за ХРТ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.