Работната посета на министерот за надворешни работи Никола Попски е повод неговото учество на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската унија и на земјите-кандидати.
На средбата со Санино, беше разговарано за актуелните прашања од евроинтеграцијата на Република Македонија, во прв ред, за активностите поврзани со реформите во клучните области од Пристапниот дијалог на високо ниво во претстојниот период. Во поглед на состанокот на Европскиот совет кој ќе се одржи следниот месец, заеднички беше констатирано, дека отпочнувањето на преговорите со Република Македонија е „следен чекор кој ќе ја динамизира реформската агенда”.
„Поддршката од јужниот сосед за ваквата одлука е клучна”, констатираше шефот на македонската дипломатија и додаде дека таква волја сé уште отсуствува.
„Од наша страна ќе ја посветиме енергијата на спроведување што е можно повеќе реформи, со иста решителност како кога и формално би преговарале. Блокадата нема да биде причина за обесхрабрување”, рече Попоски.
„Високо го цениме фактот што Европската комисија минатиот месец упати уште еден многу јасен повик до Советот на Европската унија дека Република Македонија останува целосно подготвена за неодложен почеток на пристапните преговори со ЕУ”, нагласи Попоски.
Генералниот директор за проширување, Стефан Санино ја повтори определбата на Европската комисија за поддршка на Република Македонија во процесот на нејзината интеграција во ЕУ и за што поскорешно започнување на пристапните преговори со Унијата.
На средбата, исто така, беа разменети мислења во контекст на следниот седумгодишен програмски период за искористување на европските фондови, особено со оглед на искуствата од претходниот период и земји вклучени во пристапниот процес.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


