| четврток, 6 декември 2018 |

Карпош соколи преку соседот до финалето на Купот на Македонија

karpos sokoli

Карпош соколи втора година по ред обезбеди пласман во финалето од Купот на Македонија, откако АБА-лигашот вечера славеше во пресметката со Работнички со убедливи 92-78. „Соколите“ добро го отворија натпреварот, а потоа покажаа и квалитет и искуство, знаејќи како да ја одржат позитивата до самиот крај, погодувајќи неколку значајни шутеви во моментите кога Работнички опасно се приближуваше.

Првата четвртина мина во знакот на избраниците на Драган Николиќ, кои експресно стигнаа до двоцифрена предност (16-6 во седмата минута). Во овој период од средбата извонреден беше Мавра, кој во првите десет минути постигна тринаесет поени (25-18). Работнички на две минути пред крајот на полувремето успеа да стигне до пет поени разлика (42-37), но следеа тројки на Трајковски и на Пери на спротивната страна со кои „соколите“ на одмор заминаа со двоцифрена предност од 58-47.

Во третата четвртина во ритам кај Работнички влезе Тасовски, кој погоди три тројки и ја намали разликата до 54-59. Сепак, „соколите“ одговорија со сопствени три тројки во серија (две Мавра, една Зековиќ), со што АБА-лигашот повторно стигна до удобна позитива. Сите дилеми околу победникот исчезнаа на самиот почеток од четвртата четвртина, кога Пери и Мавра постигнаа тројки, а прецизен за два поени беше и Трајковски. Работнички загуби ритам во нападот, избраниците на Докузовски промашија неколку шутеви, а Карпош соколи го искористи тоа и уште повеќе ја зголеми предноста, обезбедувајќи ја победата што на крајот беше изразена со конечните 92-78 .

Мавра беше главен играч кај Карпош соколи со 27 поени и осум асистенции, Бојан Трајковски постигна 17, а Лабовиќ 15 поени за победничкиот тим, додека најдобри стрелци на Работнички беа Тасовски со 23 и Мишановиќ и Николиќ со по 12 поени.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top