Кристи Рејчел Магно – Трајкоски од градот Кезон, Филипини денес живее во Македонски Брод. Таа со Македонија се запознава преку својот сопруг Бојан, со кого заедно работела на брод. Таму, како што раскажува таа за „Република“, се раѓа љубов меѓу нив двајца, па по одреден период нивната врска е крунисана со брак. Таа денеска е македонска снаа, мајка, жена исполнета со хармоничен живот. Одлично зборува и пишува македонски јазик и вели дека иако не ѝ било лесно да се научи, желбата да знае да го зборува била голема. Кристи раскажува и за тоа дека лесно се приспособила на животот овде. Таа и нејзиното семејство двапати слават Божик и Велигден, бидејќи добива голема почит од фамилијата во Македонија за вредностите што ги носи од својата земја. Ја сака македонската кујна, приготвува многу македонски специјалитети. На секој странец што би дошол овде би му препорачала да го посети Охрид, но и Македонски Брод, бидејќи е мирен град со чист воздух и со добри луѓе
Кога прв пат дојдовте во Македонија?
Јас и мојот сопруг се запознавме кога работевме на брод и по некое време почнавме врска, која заврши со брак. Во 2011 година решивме да направиме свадба и јас тогаш дојдов во Македонија, така за првпат ја запознав земјата.
Доаѓате од земја со различна култура и традиција од Македонија. Како успеавте да се приспособите на животот овде?
И ако доаѓаме од различни држави, сите ние сме луѓе и се приспособуваме на животот и на традициите каде што живееме. Јас немав проблем затоа што фамилијата на мојот сопруг ги прифати сите мои обичаи, а јас нивните. Ние славиме двапати Божик и Велигден. Исто така, ми беше интересно дека бебето не треба да се изнесе надвор 40 дена и не треба и да доаѓаат гости во тој период во нашиот дом. Додека кај нас во Филипини важно е само бебето да е крстено и нема проблем за ништо.
Вие зборувате солидно македонски јазик, беше ли лесно да се научи?
Кога дојдов во Македонија не беше толку лесно да се научи јазикот, но јас имав голема желба да научам и почнав да работам во еден ресторан во Скопје и морав на гостите да им се обраќам на македонски. Во почетокот беше тешко, ама јас можев да им објаснам на луѓето што сакам да кажам, а тие да ме разберат. Јас мислам за да се научи јазик не се потребни само книги туку и да се зборува, а за тоа најголема заслуга има мојата свекрва, која ме разбираше што сакав да кажам, така научив и сега веќе зборувам солидно македонски. Многу зборови во македонскиот јазик се слични, но имаат различно значење. На пример, кога го прашав мојот свекор: „Дали сте гладни тато?“ тој ме праша што има за јадење Кристи, а јас: „Има желка тато“, а требаше да кажам зелка. Имам уште многу такви примери со смешни ситуации. Кога дојдов во Македонија најголема поддршка имав од фамилијата на мојот сопруг. Неговата сестра зборува перфектно англиски јазик и таа најмногу ми помогна во почетокот – посебно за нашата свадба. Јас не ги знаев вашите песни и што се зборува во нив. Таа беше таа што ми објасни да знам за што станува збор. Така свадбата ми помина со чувство како јас да бев долго време во Македонија, а не само две недели.
Кое е Вашето искуство? Знае ли Македонецот да подаде рака и да помогне доколку е потребно?
Јас имам различно мислења за луѓето. Како и секаде, има и добри и лоши. Има луѓе што се културни и сакаат да ти помогнат во одредена ситуација. Сепак, има и такви моменти за кои бев многу изненадена, како, на пример, имаше ситуација кога бев бремена додека се возев во автобус никој не ми даде предност да седнам, поради тоа ми падна многу тешко, ама мора да се прифати тоа што е. Се зачудив и кога видов во кафеана како еден келнер пуши цигара пред гости, иако тоа не беше дозволено.
Имате ли слободно време за да ја истражите Македонија? Кое, според Вас, е најубавото место што треба секој да го посети во оваа земја?
Во Македонија има многу убави места што би ги препорачала на сите кои доаѓаат тука. Се разбира, прво Охрид, убав туристички град, потоа Струга, има и планински места што се прекрасни во зима, а јас ќе го препорачам и нашиот Македонски Брод, кој е мирно место за живеење со чист воздух и со добри луѓе.
Дали Ви се допаѓа традиционалната македонска кујна?
Во врска со храната немам никаков проблем. Вкусовите ни се слични. Јас ја јадам и готвам македонска храна, а исто и нашата филипинска храна што ја приготвувам им се допаѓа на сите. Јас готвам македонска мусака,гравче-тавче, плескавица и сѐ друго. Јас често ја прашувам мојата свекрва за македонските рецепти, ние две заедно готвиме. Исто така, неодамна снимив и свое видео на македонски јазик во кое објаснувам како се готви познат филипински рецепт.
Ви недостига ли Вашата земја?
Се разбира дека ми недостига мојата земја, мојата фамилија. Малку е полесно со интернетот, можеш да се видиш, иако не е исто да пиеш кафе заедно со своите блиски, но јас сум среќна што пред некој ден се вративме со моето семејство од Филипини.
Кои се Вашите планови, останувате ли во Македонија?
Моментно немаме некои планови затоа што очекуваме друго бебе , добро сме ситуирани, а потоа здравје, ќе видиме како ќе се одвиваат работите, ништо не се знае, може и да се промени нешто во иднина.
Пишува: К.Н.К
(Текстот е објавен во Неделникот „Република“)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Виолета Џолева, режисерка: Со првиот мјузикл за деца сакам да им се заблагодарам на маестро Џамбазов и на Оливера Николова
-
Бислимовски: РКЕ нуди четири цени на нафтените деровати, но трговците секогаш ја избираат највисоката
-
Тарик Филиповиќ: Жив актер на сцената сѐ уште е мамка за луѓето да доаѓаат во театар
-
Аница Добра, актерка: Навистина ја имам најдобрата професија на светот!