Возбудувањата во Лигата на Шампионите продолжуваат вечерва со два нови дуели во рамки на осминафиналето. Баерн Минхен на домашен терен ќе го пречека стариот познаник Арсенал, додека Реал Мадрид ќе ја продолжи одбраната на титулата против италијански Наполи.
Баерн Минхен против Арсенал е дербито на вечерта. Двете екипи одлично се познаваат со оглед на фактот дека се сретнале во Лигата на шампионите четири пати во последните пет години. Бундеслигашот е поуспешен во меѓусебните дуели, побдувајќи во двата двобои во нокаут фазата.
Германскиот шампион е апсолутен фаворит на денешниот натпревар, на кој ќе се обиде да ја продолжи серијата од 15 последователни победи на домашен терен во ЛШ. Тоа е рекордно достигнување на Баварците и најдолга серија во натпреварувањето.
На „Алијанц арената“ вечерва не се очекува да истрчаат Франк Рибери и Џером Боатенг поради повреди. Дилемата кај Карло Анчелоти ќе биде дали да стартува со Даглас Коста или со Томас Милер на левата напаѓачка страна. Исто така, Италијанецот се двоуми помеѓу Артуро Видал и Џошуа Кимих за дефанзивната улога во средниот ред.
Арсенал има на што да се надева оваа година, бидејќи последен пат кога заврши без пораз во групната фаза, стигна до големото финале (2005/06). Оливие Жиру ќе биде клучот за успехот на „топџиите“ со оглед на неговата форма против баварската екипа, против која постигнал гол на последните три натпревари.
Арсен Венгер поради повреда нема да смета на Санти Казорла, Арон Ремзи, Матје Дебуши и Јаја Саного, додека Гранит Џака се враќа во екипата и би можел да добие шанса вечерва. Поради лошата форма, англиските медиуми шпекулираат дека Месут Озил би можел да остане на клупата за резервни играчи.
Баерн Минхен е голем фаворит и кај обложувалниците, кои предвидуваат победа од 3-1.
На „Сантијаго Бернабеу“ актуелниот европскиот шампион е навидум голем фаворит во дуелот со Наполи, но од таборот на „кралевите“ најавуваат претпазливост. Италијанската екипа нема што да загуби, бидејќи ја има улогата на аутсајдер, но ќе има тешка задача да се справи со нападот на мадриѓани.
„Кралскиот“ клуб се надева дека ќе ја продлжи серијата од 33 последователни натпревари на домашен терен, на кој што постигнува барем еден гол, што е рекорд во ЛШ. Од друга страна Наполи ја игра најдобрата сезона во Европа, завршувајќи за првпат на првото место во групната фаза, но никогаш не стигнал подалеку од моменталната фаза.
Двете екипи немаат некои посериозни отсуства освен Герет Бејл, кој сепак нема да добие шанса, бидејќи Зинедин Зидан не сака да ризикува со него. Наполи исто така ќе отпатува за Мадрид во најсилен состав, единствено без Лоренцо Тонели.
Најголемата опасност по екипата од Неапол доаѓа од Кристијано Роналдо, кој ќе сака да ја прекине лошата серија од 433 минути без погодок во ЛШ. Мадридската екипа игра одлично оваа сезона, па задачата на Наполи нема да биде нималку лесна.
Реал Мадрид е огромен фаворит на денешниот меч, а обложувалниците предвидуваат дури и победа изразена со поголема разлика (3-0)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.