| четврток, 6 декември 2018 |

Блицкриг на Атлетико, за две минути до целосен пресврт и три бода (видео)

Екипата на Атлетико Мадрид се изнамачи но успеа да слави на својот „Висенте Калдерон“ против Селта со 3-2 во меч со пресврти и промашен пенал. Гризман и Караско ги постигнаа двата гола во завршницата, кои го донесоа пресвртот на голема радост на домашната публика.

Ладен туш за Симеоне и домашната публика стигна уште во 5. минута, кога Кабрал ја искористи мешаницата во противничкиот шеснаесетник и со глава донесе водство за гостите од Виго. Домаќинот не чекаше и одговори само шест минути подоцна, кога акцијата на Караско со ефектен гол ја круниса Фернандо Торес, постигнувајќи го својот петти сезонски гол.

Атрактивното прво полувреме беше надополнето и со промашен пенал на „јорганџиите“. Торес биеше силно во пречката, но не успеа да го совлада гостинскиот голман. Продолжи црната серија на Атлетико, кога се во прашање промашените пенали, кои оваа сезона се искачија на бројката од шест од девет обиди. Иницијативата на домаќините продолжи до крајот на првото полувреме, но резултатот остана непроменет.

Првата посериозна закана во вториот дел стигна во 63. минута, кога Караско со глава беше блиску до вториот гол за својата екипа.

Шокот за Симеоне и неговите фудбалери стигна во 78. минута, кога Гуидети го матираше домашниот голман за 1-2. Караско со прекрасен волеј-удар од работ на казнетиот простор го совлада Алварез и го најави блицкригот на неговата екипа, а по само две минути на Гризман не му беше тешко да ја смести топката во мрежата по одличната асистенција на Гамеиро.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top