| четврток, 6 декември 2018 |

Од што се исплашија невладините на Сорос во Македонија?

 

nikola-srbov

Само граѓанските организации кои се финансирани од Сорос, барањето за отчетност го гледаат како закана и напад врз граѓанското општество. Веднаш по прес конференцијата која ја одржавме на 4 февруари 2017 година, а на која јавно соопштивме која организација колку пари земала од Фондацијата „Отворено општество“, засегнатите решија да го „бранат“ граѓанското општество преку лавина од тужби кон нас. Од таму велат, ние кои прашуваме сме „напаѓале“, а тие кои тужат и се закануваат го „бранеле“ секторот од нас. Граѓански организации ќе бранат граѓански сектор од граѓанска организација. Ова говори доволно во каква бездна е паднат граѓанскиот сектор во Република Македонија кој 25 години го контролираат и го водат едни исти луѓе и нивните послушници.

Одржаната прес конференција на неколку невладини организации кои се под капата на ФООМ, поднесените тужби и закани, се експлицитен доказ за монополот кои овие организации го држат во граѓанскиот сектор. Овие луѓе себеси се гледаат како избрани од Бога дека само тие, и никој друг, имаат право да раководат со граѓанскиот сектор. Секој кој ќе побара отчетност го квалификуваат како експонент на ВМРО кој го напаѓа граѓанското општество во кое нема место за различни ставови и мислења.

На прес конференцијата, на која сите невладини организации на Сорос и објавија војна на една организација – „Стоп операција Сорос“, се истите оние организации чии активисти нанесоа огромна финансиска штета на државата преку дивеењето по улиците и руинирањето на фасадите и плоштадите низ Скопје. Јавноста треба да знае дека, уништените фасади се санираат со средствата од даночните обврзници на Република Македонија, поточно, со средствата од сите нас кои живееме во оваа држава. Фасадите нема да бидат обновени со парични средства на Сорос, туку напротив, Сорос дава пари на неговите активисти кои за возврат прават огромна материјална штета која потоа ние граѓаните на Република Македонија ја санираме со наши парични средства.

На прес конференцијата зборот волонтерство се спомна десетина пати, можеби јас не сум запознаен доволно, но она колку што мене ми е познато, волонтерство не подразбира милионски суми на сметка. Го кренаа гласот демантирајќи дека се координирани од еден центар и притоа изнесоа имиња на европски фондови и држави од каде дополнително добивале финансиски средства. Ова може да им помине само кај нивните активисти, но вистината е спротивна од нивното тврдење, заеднички именител на сите тие организации е Фондацијата „Отворено општество“ Македонија на Џорџ Сорос.

На крајот, се отвара  и уште една дилема, можеби и најважната.

Откако на прес конференцијата, одржана на 27 јануари 2017 година, најавивме дека, податоците кои се јавно достапни и кои укажуваат на партизираност на невладините организации, ќе бидат доставени до Вашингтон, невладините на Сорос најавија наводна „одбрана“ на граѓанското општество а на истата прес конференција не беа спомнати поединечно, но ете, се пронашле. Овој напад кон нас доаѓа откако Амбасадата во Скопје беше прозвана од конгресмени дека не соработува со нивната истрага за начинот на кој биле делени парите на УСАИД за невладини организации. Тука се отвара дилемата. Дали координираната акција на невладините организации на Џорџ Сорос во Република Македонија има за цел да ја попречи истрагата која ја покренува американскиот Конгрес за работата на американската амбасада во Република Македонија и амбасадорот Џес Бејли? Дали ова е начинот на кој амбасадата во Скопје се обидува да ги прикрие трагите и да ги уплаши активистите на „Стоп операција Сорос“ кои започнаа да алармираат во Вашингтон за злоупотребата што беше вршена со парите на даночните обврзници во САД?

Американската Амбасада во минатото постојано зборуваше за отчетност при располагањето со државните пари на Република Македонија, но откако самата амбасада се најде под истрага за начинот на кој ги трошела американските државни пари веднаш започнаа да пристигнуваат закани и тужби до нас.

(Колумна на Никола Србов)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top