| четврток, 6 декември 2018 |

ЕУ донираше 33 возила за граничната полиција и за ЦУК

Донација од Европската унија вредна над 800 илјади евра, која се состои од 33 теренски возила марка „сангјонг“ за потребите на граничната полиција и Центарот за управување со кризи (ЦУК) денеска беше предадена во Министерството за внатрешни работи на Република Македонија.

133563475

Сертификатите за возилата ги предаде еврокомесарот Јоханес Хан, кој оцени дека ова претставува силен знак за блиската соработка помеѓу семејството на ЕУ и Македонија во справување на најсериозната бегалска и мигрантска криза со која Европа се има соочено во модерни времиња.

han (3)

– Размерите на овој предизвик со кој се соочува не само Европа, туку и целиот свет се без преседан. Причините поради тоа се комплексни и не постои еден единствен лек. Тоа што изискува е да им се помага на луѓето кои имаат потреба за помош, како и да им се помогне и да се поддржат земјите што се обидуваат да се справат со оваа криза и притоа целосно да се испочитуваат европските, како и меѓународните стандарди – истакна Хан.

133563481

Потребна е блиска координација, рече тој, помеѓу сите инволвирани страни помеѓу земјите-членки на ЕУ,  земјите-партнери, како и самите министерства и разните агенции кои се инволвирани во овој процес.

– Европската комисија ги употребува сите расположливи инструменти коишто опфаќаат хуманитарна помош за да ви помогнат вам во зајакнување на менаџирањето со границите. Националните власти, исто така, имаат направено огромни инвестиции. Ако можам да ја искористам оваа можност да ги пофалам националните власти за нивната активна улога, истакна Хан.

133563487

Тој им се заблагодари на преку 120 граничари кои доаѓаат од земјите членки на ЕУ кои се на границата со Грција и им помогнаат на колегите од Македонија.

– Со огромната финансиска помош на ЕУ се дава поддршка за да можат овие странски граничари да ви помогнат вам во менаџирање на границите, како и во почитување на меѓународните стандарди, рече Хан и додаде дека оваа помош, ќе помогне во понатамошно зајакнување на капацитетите на националните институции во борба, како и во превенција на шверц со мигранти, трговија со луѓе и меѓуграничниот криминал.

133563482

Министерот за внатрешни работи Агим Нухиу истакна дека возилата ќе ги зајакнат техничките капацитети на полицијата и, како што рече, ќе овозможат нејзино полесно и поефикасно функционирање според современите професионални стандарди и справување со предизвиците во борбата против меѓународните закани и граничниот криминал, а посебно во справувањето со мигрантската криза.

– Оваа помош претставува признание од ЕУ за нашиот досегашен поридонес и досегашното менаџирање со мигрантската криза, истакна Нухиу.  Според вицепремиерот Арбр Адеми кризата покажа дека овој регион треба што е можно побрзо да стане дел од ЕУ и нејзиниот безбедносен систем бидејќи, како што рече, заедничките напори и соработка се најсоодветниот одговор на сите предизвици.

133563486

– Добиените возила ја зголемуваат оперативната способност на нашите служби за контрола на границите со што директно се придонесува за безбедноста на земјата и регионот, но и на безбедноста на ЕУ, нагласи Адеми.

133563484

Директорот на БЈБ Митко Чавков  рече дека Македонија и МВР сериозно пристапиле кон комплексноста на бегалска криза и дека е обезбден кохерентен и сеопфатен пистап во третирањето на сите аспекти од таа криза, како од хуманитарен, така и од безбедносен аспект.

Според него оваа донацијата од ЕУ ќе значи мотив повеќе кон еднаков и солидарен начин за решавањето на проблемите со кризата на границата.

133563480

Во име на ЦУК за подарените возила се заблагодари директорот Агрон Буџаку при што нагласи дека оваа помош ќе придонесе кон зголемување на институционалната ефикасност и дека Македонија ќе даде пример како се бранат европските вредности и како се обезбедува правда и заштита на човековите права.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top