| четврток, 6 декември 2018 |

Се градат нови експресни патишта!

pat

Почнува изградбата на нови експресни патишта во Македонија. Ќе се работат паралелно со реализацијата на новите автопатски решенија што ќе му даде дополнителен импулс на градежниот сектор, ќе повлече ангажман на градежни работници, а долгорочно ќе ја подобри поврзаноста на нашата држава и ќе ја зголеми конкурентноста на економијата, пишува „Лидер“.

-Високиот процент на извршените работи во нискоградбата нѐ прави среќни, бидејќи се тоа инфраструктурни, капитални објекти кои се битни за државата и населението – вели претседателот на Здружението за градежништво при Стопанската комора на Македонија, Андреа Серафимовски.

-Градежниот сектор е еден од главните двигатели на економијата во последните три години и ќе остане барам во идните две години – вели Данела Арсовска, претседателка на Сојузот на стопански комори.

Тендер за втората фаза од Штип – Кочани

Јавното претпријатие за државни патишта го објави тендерот за избор на компанија што ќе го гради вториот дел од експресниот пат Штип – Кочани. Се работи за делница од 13,8 километри, од Крупиште до Кочани.

-Патот ќе има четири коловозни ленти, една за безбедно и три за брзо возење. Предвидената брзина е  100 километри на час, предвидени се клучки за сите населени места од овој регион – вели директорот на ЈП за државни патишта Александар Стојановски.

Експресниот пат Штип – Кочани е поделен во два дела. Првиот е од Штип до Крупиште, зделка што отиде во рацете на Бетон и Гранит.

-Проценетата вредност на оваа делница беше 30 милиони евра, а по конечните наддавања добивме цена од 20 милиони евра што е одлично – вели министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски.

Овој проект се реализира со финансиска поддршка од Европската банка за обнова и развој. Рокот за изведба изнесува 24 месеци.

Се реализираат и другите делници

Паралелно со овој проект се реализираат и други експресни делници. Дел веќе се градат, за други се во тек подготвителните активности.

-Се гради и експресниот пат од Велес до Штип, а во тек е евалуација на понудите за изградба на експресните патишта од Штип до Радовиш и од Ранковце до Крива Паланка – вели Мисајловски.

Експресниот пат „23 октомври“ ќе ги поврзува Штип и Радовиш и претставува уште една делница од голема важност за развојот на Источна Македонија. Патот е во должина од 38 километри, а вредноста му се проценува на 64 милиони евра.

Инвестицијата за експресниот пат од Ранковце до Крива Паланка се проценува на 78 милиони евра, а замислено е и делницата од Крива Паланка до Деве Баир да се прошири на ниво на автопат за што ќе бидат потребни уште 30 милиони евра.

-Источна Македонија добива модерни патишта со што се очекува да дојдат повеќе инвеститори, народот полесно ќе патува до главниот град, ќе се подобрат комуникацијата и безбедноста – вели градоначалникот на Штип, Илчо Захариев.

Веќе се гради експресниот пат „2 август“ што ќе ги поврзува Градско – Росоман – Дреново – Прилеп, делница во должина од 33,5 километри. Вредноста на проектот изнесува околу 80 милиони евра. Во моментов се работи на првиот потег од 10 километри од Фаришка до Дреновска клисура, а годинава ќе се почне со работа и на втората делница.  За третата фаза е подготвена проектната документација, а целиот експресен пат треба да биде комплетиран за три до четири години.

Годинава треба да се распише и тендерот за изградба на клучниот експресен пат за развој на туризмот во земјава, за делницата од Охрид до Пештани. Се работи за проект во вредност од 40 милиони евра.

Градежен бум во патната инфраструктура

Капиталните инвестиции во патната инфраструктура тежат милијарда евра. Во исто време се градат три автопати: Демир Капија – Смоквица, Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид. Последните два се изведуваат со кредит од кинеската Ексим банка. Автопатот кон Охрид е во должина од 57 километри и со вредност од 374 милиони евра. Вториот кон Источна Македонија е со должина од 47 километри, вреден 206 милиони евра.

Годинава треба да финишира изградбата на делницата Демир Капија – Смоквица на Коридорот 10.

-Со завршувањето на делницата Демир Капија – Смоквица се комплетира целиот патен Коридорор 10, со што се создаваат услови за побезбеден, побрз и поефикасен транспорт на стоки и на услуги, што ќе придонесе за дополнителен економски раст и развој на Република Македонија- оцени вицепремиерот Владимир Пешевски по средбата со претставниците на Европската инвестициска банка,  која за овој проект обезбеди 100 милиони евра.

Македонија е силно посветена на модернизација на Коридорот 10, како клучна транспортна артерија на нашата држава. Вкупно се вложуваат 230 милиони евра (со средствата за Демир Капија – Смоквица). Во исто време, се врши рехабилитација и обнова на повеќе делници на Коридорот 10. Се опфати потегот од Смоквица до Гевгелија, Неготино – Демир Капија, Куманово – Скопје, ќе се работи и во обратен правец, а ќе се санираат и делниците Велес – Градско и Демир Капија – Неготино.

-Претходно ги рехабилитиравме делниците од Катланово до Велес и од Велес до Катланово, завршивме со проектот за санација на сите мостови на овој коридор и со осветлувањето на сите тунели – вели Мисајловски.

Ќе се градат уште три нови автопати!

Во план е изградба на уште три нови автопати. Првиот е проектиран од Гостивар до Кичево во должина од 42 километри. Проценетата вредност на проектот изнесува 350 милиони евра, а се планира делницата да биде готова до 2020 година.

Вториот автопат е од Скопје до Блаце во должина од 13 километри. Овој автопат е со проценета вредност од 70 милиони евра, се очекува да биде завршен до 2020 година.

Третиот автопат е на потегот Требеништа – Струга во должина од 8,5 километри. Неговата проценета вредност е 45 милиони евра и ќе се финансира со пари од ЕБОР.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top