| четврток, 6 декември 2018 |

Средба Груевски – Соумалаинен: Предвремени парламентарни избори заедно со локалните

 

Амбасадорката на ОБСЕ во земјава, Нина Соумалаинен, на свое барање денеска се сретна со делегација на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од претседателот Никола Груевски.

На средбата амбасадорката на Мисијата на ОБСЕ во Република Македонија го презентира извештајот за активностите на ОБСЕ во земјатa. Во однос на политичките односи и ситуација, амбасадорката посочи дека Мисијата на ОБСЕ не зазема страна и не се во позиција да промовираат никакви политички опции претставени преку партиите.

На прашањето поврзано со создавање владина коалиција од страна на ВМРО-ДПМНЕ беше потенцирано дека состојбата во Република Македонија е зрела за одржување на нови предвремени парламентарни избори поради тесното мнозинство кое би било направено.

Дискутирајќи дали е прфатливо за ВМРО-ДПМНЕ СДСМ да состави влада, членовите на Делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ, во чијшто состав освен претседателот Груевски, беа и неговите партиски соработници Владимир Ѓорчев, Александар Николоски и Никола Попоски, го пренесоа ставот дека секоја партија која носи одлука за формирање коалиција без партијата која добила најмногу гласови и најголема поддршка од народот на изборите треба да знае дека во исто време носи одлука да се соочува со проблеми во иднина својствени на ситуации кога се игнорира волјата на мнозинството граѓани.

На забелешката дека постојат држави каде се случува победничката партија да не влезе во владејачката коалиција, беше одговорено дека во изминатите повеќе од десет години одвнатре и однадвор беше постојано потенцирано дека Македонија е многу различен случај, дека не е иста со останатите земји и има една специфика, а тоа е мултиетничноста, и дека во таква ситуација исклучително е важно победникот кај македонските гласачи и победникот кај албанските гласачи секогаш да коалицираат.

„Сега кога ВМРО-ДПМНЕ е победник, и одвнатре и однадвор се заборава тој принцип. Сите треба да знаат дека ако еднаш се прекрши тој принцип, истото ќе стане неповратлив процес. Затоа што не може тој принцип да важи по потреба, само кога на некој друг му одговара, и тоа веќе не е принцип. Доколку сега се отстапи од тој принцип, и  свесно се прекрши, секој еден кој во иднина кога ќе се сменат околностите, ќе помисли да дојде и повторно да се обиде да не убедува да го воспоставуваме тој принцип, треба да знае дека без дискусија ќе биде избркан од штабот на партијата, а партијата ќе коалицира со кого ќе отцени дека е најдобро за самата партија и земјата, како што е и во другите држави“, децидни се од ВМРО-ДПМНЕ.

На амбасадорката ѝ било објаснето дека во минатото ВМРО-ДПМНЕ можеше во некои ситуации самата да формира влада без дополнителен коалиционен партнер или пак да преговара и договори коалиција со друга помала албанска политичка партија со која би постигнала подобар коалиционен договор по сите основи.

Во однос на прашањето околу барањата за промени во делот на употребата на јазиците, беше одговорено дека ВМРО-ДПМНЕ не се согласува со спроведување на принципот на двојазичност на целата територија на Република Македонија, не затоа што има против албанскиот јазик или Албанците во Македонија, туку затоа што тоа не би било одраз на демографската реалност во Македонија, имајќи го во обзир бројот на Македонци, Албанци и останати како и географската концетрација на жителите од албанска националност.

Во однос на прашањето базирано на ставот на партијата, кога евентуално би можело да се  организираат парламентарни избори, од партијата беше посочено дека од економска гледна точка во смисла на трошоци за изборите, како и другите проблеми кои ги создава секое организирање избори, би било најдобро да се за време на локалните избори, но тоа би можело да се дискутира помеѓу партиите доколку има политичка волја, а не страв и одбивање како што демонстрираше СДСМ.

На крајот заеднички беше констатирано дека ОБСЕ со повеќе проекти во минатото помогна на Македонија.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top