Паула Купер – Трајковски е девојка што го остава своето родно место Чарлстон, Јужна Каролина, и во име на љубовта решава да живее овде. Со Македонија првпат се запознава во 2010 година, а свој постојан престој во оваа земја има од 2012 година. Има двегодишен син и работи со интернет-продажба на накит. За македонскиот народ вели дека, навистина, ѝ се допаѓа што знае да ги почитува културата и традицијата. Ја сака безбедноста и начинот на кој луѓето живеат овде. Иако, како што открива за „Република“, смета дека е потребен отворен ум кон различностите
Кога првпат дојдовте во Македонија?
Во Македонија првпат дојдов во јули 2010 година. Тоа беше на мојот прв одмор и моја прва средба со семејството на сопругот. Официјално, овде дојдов да живеам во 2012 година.
Доаѓате од земја со различна култура и традиција од Македонија. Како успеавте да се адаптирате на животот овде?
Јас решив дека ќе паметам зошто сум се преселила овде и нема никому или на ништо да му дозволам да застане на тој пат. Се преселив поради тоа што се вљубив и таа причина беше доволна за да се обидам и да направам тоа да функционира во моите очи.
Ги почитувам луѓето овде. Културата, традицијата… како што и мојот сопруг ги почитува моите. Навистина лесно успеав да се приспособам на животот во Македонија бидејќи сопругот и неговото семејство ми помагаат и ме поддржуваат во сѐ. Овде можам да бидам своја, да имам свои пријатели… Јас сум таа што сум, имам можност да живеам далеку од дома, флексибилна сум и создадов свој начин како да го направам мојот живот овде убав, без да ми биде тешко. Го игнорирам негативното и се фокусирам на тоа дека моето семејство ми е најважно.
Кое е Вашето искуство? Знае ли Македонецот да подаде рака и да помогне доколку е потребно?
Семејството на мојот сопруг, генерално, многу добро ме прифати и многу го сака мојот син. Пријателите на сопругот и моите пријатели, исто така, се тие што се секогаш тука за нас кога ни е потребно. Јас, навистина, ги имам најдобрите золви и сметам дека можноста да се разговара со нив за сѐ, исто како со мојата сестра дома, е, навистина, прекрасна.
Кое е Вашето мислење за македонскиот народ?
Имам позитивно искуство, но и негативно. Мислам дека, генерално, има, навистина, добри и топли луѓе овде. Сум била на македонски свадби и, навистина, се волшебни. Ми се допаѓа што се почитуваат традицијата и обичаите. Ми се допаѓа што земјата е безбедна, што луѓето одвојуваат време за себе, за кафе надвор и за разговор со пријател. Но, за жал, овде има луѓе што не се отворени и не се однесуваат добро кога сум излезена низ град сама, без придружба на мојот сопруг. Се случува да ми се обратат со погрдни зборови. Не се случува често, но, според мене, доволно за да ме вознемири. Сметам дека луѓето не разбираат колку е потребно за странец што доаѓа од друга земја да се приспособи и да живее на друго место. Потребно е многу. Мора да се биде силен. Ги напуштив својот дом, своето семејство и моите пријатели. Го отворив својот ум кон нешто поинакво. Ги почитувам луѓето и тоа го очекувам за возврат. Исто така, мислам дека треба да се има и поголемо разбирање за луѓето со хендикеп. Навистина не ми се допаѓа сообраќајната некултура, на пример кога автомобили се паркирани на места наменети токму за луѓе од оваа категорија. Сакам Македонците да знаат дека не е важно како изгледа некој или колку е паметен, секој заслужува почит.
Дали Ви се допаѓа традиционалната македонска кујна?
Македонската храна е прекрасна. Ги сакам полнетите пиперки, мусака, скара, сутлијаш и обожувам шопска салата. Македонските вина се единствени. Мојата свекрва ми ја васади љубовта кон македонските специјалитети бидејки, искрено, таа е најдобриот готвач во Македонија. Сум пробала храна на многу места овде, но немам вкусено подобра од нејзината.
Имате ли слободно време за да ја истражите Македонија? Кое, според Вас, е најубавото место што треба секој да го посети во оваа земја?
Имам двегодишен син, Ноа, и свој портал за накит, па со сопругот повеќе сме фокусирани околу обврските што ни ги носат работата и детето. Но имам посетено некои места во Македонија, кои, навистина, ми оставија голем впечаток. Многу ми се допаѓа Охридско Езеро и градот Охрид. Прекрасниот стар град. Не верував колку е убав сѐ додека не го видов со свои очи. Навистина нешто неверојатно. Исто така, ми се допаѓа и Берово, чист и свеж воздух и прекрасна храна.
Ви недостига ли Вашата земја?
Се разбира. Ми недостига различноста. Ми недостигаат мирното возење автомобил и полесниот начин за наоѓање паркинг. Ми недостигаат пријателите, семејството, но добрата работа во сето ова е технологијата. Таа ми помага постојано да бидам во контакт со сите. Најубавото од сѐ е што моите сакани во Јужна Каролина ја поддржуваат мојата среќа.
Кои се Вашите планови, останувате ли во Македонија?
Да, остануваме да живееме овде. Но никогаш не се знае што ќе ни донесе иднината. Навистина ми се допаѓа и сакам да живеам овде и се надевам дека позитивните работи ќе продолжат да ги надминуваат негативните.
Пишува: К.Н.К
(Текстот е објавен во 231 број на Неделникот Република)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Виолета Џолева, режисерка: Со првиот мјузикл за деца сакам да им се заблагодарам на маестро Џамбазов и на Оливера Николова
-
Бислимовски: РКЕ нуди четири цени на нафтените деровати, но трговците секогаш ја избираат највисоката
-
Тарик Филиповиќ: Жив актер на сцената сѐ уште е мамка за луѓето да доаѓаат во театар
-
Аница Добра, актерка: Навистина ја имам најдобрата професија на светот!