| четврток, 6 декември 2018 |

Нови избори или нова криза

Ненад Мирчевски

Ненад Мирчевски

Изборниот инженеринг спроведен од СДСМ и од неговите пријатели од надвор беше сериозен обид да се изигра волјата на народот, но, за среќа, креаторите на сценариото не успеаја да ѝ донесат чиста позиција на опозицијата во операцијата за киднапирање на власта. Но, и по неуспехот да го купат Теарце, јасно беше дека ништо нема да ги натера да се откажат од конечната цел.

Сите опструкции што ѝ се прават на ВМРО-ДПМНЕ при обидот да формира стабилна влада не се ништо друго, освен продолжение на претходното сценарио за поставување квислиншка власт од страна на Сорос и на остатоците од администрацијата на Обама во Македонија. Да се потсетиме, откако не успеа обидот да се наместат резултатите од изборите, се обидоа да го наместат прегласувањето во Теарце. Кога и тоа не успеа, во Тирана се измисли некаква платформа за унапредување на албанските права, која се користи за нови уцени и за нови отстапки на Македонците. Минирањето на преговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ во последен момент е само уште една диверзија извршена со помош на надворешните пријатели на Заев. Веднаш потоа повторно се активираа амбасадорите на САД и на Британија со „препораки“ како да се формирала влада.

Но, при делењето „совети“ амбасaдорите Бејли и Гарет изоставија да кажат дали изнесуваат свои лични ставови или пренесуваат официјални пораки на државите што ги претставуваат? Ако изјавите не се координирани со земјите од каде што доаѓаат тоа значи дека дејствуваат на своја рака и контра официјалната политика на Лондон и на Вашингтон. Во спротивно, ќе мора да констатираме дека Доналд Трамп и Тереза Меј ја лажеа светската јавност кога пред неколку дена најавија дека САД и Велика Британија во иднина нема да се мешаат во внатрешните работи на други земји и нема да уриваат влади што не им се по ќеф. Би било добро да добиеме конкретен одговор од двајцата амбасадори, но и од официјалните лица во Лондон и во Вашингтон. Во меѓувреме, само американската амбасада во Скопје кусо се огласи со соопштение дека „немаат ништо повеќе да додадат на тоа што веќе го кажале“. Овој одговор не остава простор за никаков друг заклучок, освен дека Бејли тера нечија агенда, која, сепак, не е во согласност со политиката на официјален Вашингтон.

Додека Сорос и чадорчињата очајно се обидуваат да му обезбедат мнозинство за влада на Заев, опозициските медиумски гласноговорници подготвуваат терен во јавноста за некаква широка коалициска влада. Станува збор за опасно решение, кое е и тоа како посакувано од меѓународната заедница, а сѐ со единствена цел – промена на името на државата, кое ќе го изврши токму оваа широка влада. Планираат решението за името да не се стави на референдум (!), а одговорноста ќе треба да ја преземат сите политички партии што учествуваат во широката влада. Едноставно, што ќе му надробат на народот, тоа ќе срка.

Со ваквото решение не се согласува само ВМРО-ДПМНЕ, која, според презентираните ставови, не прифаќа широка коалиција, а во однос на евентуално решение за името бара референдумско изјаснување на граѓаните.

Во вакви околности и во услови кога ВМРО-ДПМНЕ има само 51 пратеник, (а не 61 колку што ѝ требаа за самостојно да формира стабилна влада) досегашната владејачка партија, која во ситуацијата е единствена што ги застапува македонските национални интереси, наспроти петте партии што ги застапуваат интересите на албанската заедница во Македонија, има три можни решенија:

Да продолжи да преговара за влада со ДУИ, која и во случај да се формира ќе биде нестабилна и нема да може да функционира нормално. За да се случи тоа ќе мора да се направат големи отстапки, а, во меѓувреме, СДСМ максимално ќе го искористи моментот за продолжување на кризата, на штета на граѓаните и на државата.

Да ги цементира ставовите по цена да оди во опозиција. Со тоа ВМРО-ДПМНЕ ќе ја зголеми популарноста кај македонските граѓани како единствена партија што ги штити националните интереси и ќе си обезбеди сигурни најмалку десет нови години владеење. Но, со таков став во моментов, реално, само ќе му помогне на СДСМ да го реализира сценариото за раскрчмување на државата. При евентуално сценарио СДСМ да успее да формира влада прифаќајќи албанизација на Македонија, мора да се има предвид дека тоа би предизвикало голем гнев кај граѓаните, кои многу веројатно ќе излезат на улица во заштита на државата и на националните интереси.

Да оди на нови избори – решение што во моментов е најреално за надминување на кризата. Сосема е логично на тие избори партиите да настапат со позициите од сегашните преговори, а граѓаните притоа да решат дали и во која мера се прифатливи. Ова, сигурно, не му одговара на СДСМ затоа што опозицијата води неконзистентна политика на штета на македонските граѓани, која и во текот на кампањата се темелеше на многу лаги и нелогичности. Мора да се има предвид дека голем дел од македонското гласачко тело на СДСМ веќе се чувствува разочарано и измамено поради развојот на настаните. Ретко кој од нив очекуваше да види дека Заев, навистина, е подготвен да изврши национално предавство само за да формира влада. Иако во екот на кампањата во многу наврати пред албанскиот електорат лидерот на опозицијата ветуваше двојазичност, редефинирање на државата, кантонизации, федерализации и што уште не, пред македонските гласачи секогаш се негираше самиот себе, а ги обвинуваше медиумите дека погрешно го толкувале.

Разочараноста на македонскиот електорат од СДСМ е првата причина што СДСМ не сака нови избори по никоја цена. Другата силна причина е фактот дека опозицијата никогаш повеќе нема да ја има на располагање логистиката на терен и црните вреќи со пари што ѝ ги обезбедија „пријателите од надвор“, а со кои беа купувани десетици илјади гласови во руралните и во економски позаостанатите средини.

Дека СДСМ не може да го повтори резултатот јасно им е и на опозицијата и на чадорот. Повеќе од смешна беше изјавата на Заев дека во моментов само на СДСМ му одговарале нови избори, но тие во никој случај немало да ги прифатат!

Се поставува дилемата ако СДСМ, навистина, оствари реален резултат, ако немаше сериозно подготвуван и реализиран изборен инженеринг,ако граѓаните искрено ја почувствувале енергијата на опозицијата и ако СДСМ е убеден дека ја ужива поддршката на мнозинството граѓани, тогаш зошто опозицијата не би го искористила моментот и не би излегла на нови и брзо организирани избори на кои би освоила уште повеќе гласови, а со тоа и можноста да формира стабилна влада?

Одговорот е затоа што на следните избори СДСМ ќе го нема чадорот, ќе ја нема логистиката на терен обезбедена од пријателите од надвор, ќе нема милиони евра за купување гласови, а ќе ја нема ни довербата на голем дел од гласачкото тело, кое е разочарано од предавството!

Но, колку и да се обидува Заев да ја избегне казната од граѓаните, треба да му е јасна една работа – народот решително и недвосмислено ќе застане во одбрана на националните интереси, кои тој сака да ги продаде колку што е можно побрзо. Од него зависи дали тоа ќе се случи на избори или на улица.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top