По пауза од осум години, арената „Род Левер“ во Мелбурн ќе биде домаќин на уште едно спектакуларно финале меѓу едни од најдобрите тенисери на сите времиња – Роџер Федерер и Рафаел Надал. Денеска, во второто полуфинале од отвореното првенство на Австралија, шпанскиот тенисер Рафаел Надал по голема борба во пет сета успеа да слави победа над Григор Димитров (6-3, 5-7, 7-6, 6-7, 6-4).
Бугаринот одгра одличен турнир, но во финишот од мечот го загуби клучниот гем на свој сервис и мораше да му честита на Рафа за супер интересниот меч. Тој по патот до финалето елеминира неколку одлични тенисери и како 15. носител стигна на чекор до финалето, со што ќе беше огромен историски успех за него. Сепак, со ваквата игра која ја прикажа ветува дека полека, но сигурно ќе се искачува кон самиот светски врв во тенисот.
Надал на терен делуваше како оној стариот од пред неколку години, кога со него не можеа да се справат ни Федерер ни Ѓоковиќ, неговите грешки беа сведени на минимум, бекхендот и форхендот му беа убиствени, а сервисот му беше перфектен.
Само што започна мечот Надал направи брејк за предност од 3-1, и со мирни гемови на свој сервис поведе со 1-0 во сетови. Во вториот се играше понеизвесен тенис, кој изобилуваше со многу неизнудени грешки, беа направени пет брејка, а во нив беше поуспешен Димитров за израмнување на 1-1. Сепак, Рафа не дозволи уште еден лош сет и наредниот преку тајбрејк го доби за ново водство од 2-1, но на ист начин по голема борба и повторно тајбрејк во четвртиот сет, Димитров израмни на 2-2, за уште поинтересен, одлучувачки петти сет. Во клучниот сет Надал направи брејк за водство од 5-4, а потоа на свој сервис ја искористи втората меч-топка, за конечни 6-4.
Долгоочекуваното финале меѓу двата тениски великани ќе се одигра в недела наутро и ќе биде вистинска шанса за Федерер да му се реваншира на Надал за поразот во финалето во 2009 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.