Американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) објави нови документи во кои повторно Македонија се навраќа во периодот на транзицијата и, секако, периодот кога се кршеше ембаргото на границата со Србија, дејност во која, сега и докажано, се гледа дека учествувал врвот на СДСМ кој на тој начин заработувал. Иако за тоа и досега имаше сведочења дури и на криминалци – лични учесници во тој шверц, учесниците и начинот на кршењето на ембаргото доби потврда и од Ленгли. Во годините кога 200.000 работници ги загубија своите работни места, а економијата во Македонија беше пред колапс, наместо да се занимаваат со подигање на економијата, државниот врв се занимавал со шверц на нафта и други производи.
„Македонскиот министер за надворешни работи му призна на шефот на мисијата на САД во Скопје дека неговата држава не може да применува строги санкции кон Србија. Врвни македонски функционери – вклучувајќи ги премиерот Црвенковски, министерот за финансии Миљовски и министерот за транспорт Бузлевски – добиваат мито за обезбедување лажни документи и документи за транспорт“, се наведува во документите на ЦИА, каде што е наведена и шемата по која се вршел шверцот.
„Многу македонски фирми користат лажни документи за да ѝ помогнат на Србија да ги избегне санкциите, пишувајќи се себе како краен увозник на стоките, во принцип, наменети за Србија и како извор на извозот кој е од Србија. За паричен надомест овие фирми се задолжени за подготовка на документите, складирање и транспорт на стоката“, стои во делот наречен „Македонија: најголемиот трговски партнер на Србија“.
„Со мал прекин во почетокот на јули, последниот месец во просек околу 1,200 полни камиони минуваа неделно, дупло повеќе од периодот јануари – март со околу 635 камиони, и околу 130 вагони влегле во Србија. Главните непрехранбени продукти кои се пренесуваат во Србија се различни стоки, како метал, текстил, хемикалии и средства за подмачкување (лубриканти). Други значајни стоки откриени од минатата есен 1994 вклучува машини, резервни делови, компјутери и сателитска опрема. Во текот на средината на јули, снимени се девет пратки на компјутерска опрема. Србија заработува девизи од извоз на земјоделски производи, челик, текстил и мебел кои на светските пазари се етикетирани како македонски производи. Некои белградски компании имаат претставништва во Македонија за да помогнат во нивната трговија со странство“, се наведува во извештајот на ЦИА од 20 јули 1995 година.
Македонија, исто така, увезува нафтени производи за пренасочување кон Србија иако податоците се недоволни за да се измери пратката. Во текот на март и април, 526 железнички цистерни ја минале границата меѓу Србија и Македонија на „Табановце“, според воени сили на ОН во Македонија, од кои повеќето веројатно биле натоварени со нафтени деривати. Само на 17 април, посведочени се 20 цистерни со лубриканти кои се внесени во Србија. Кон крајот на декември 1994 година, рафинеријата за „Макпетрол“ пријавила барање до Владата за неопходен увоз на нафтени деривати од 30.000 тони (7.300 барели дневно)“.
Предупредувања за шверцот
Во владата на Црвенковски која се споменува во документот на ЦИА, министер за внатрешни работи е Љубомир Д. Фрчкоски. Тој во 2012 година пишува колумна во која го признава шверцот, но тврди дека за тоа не само што немало предупредување туку и дека тоа се правело со одобрение од меѓународната заедница, особено од САД. Според Фрчкоски, Американците дозволиле шверц на нафта под услов да не се шверцува оружје и стратегиски материјали за војната. Фрчкоски, сепак, не кажува каде завршиле парите од шверцот. Сепак, истата година беше објавен допис од првиот американски дипломатски претставник во Македонија, Виктор Комрас, во кој директно до македонски министер ја искажува загриженоста од прекршувањето на ембаргото кон Србија. Тој изнесува податоци дека од 4 јуни до 20 јули 1995 година биле прошверцувани над 2000 тони нафта. Во дописот испратен на 20 јули 1995 година е доставен и список со испораките на маслото, со назначен датум кога биле вршени, стоката и количеството, кој ги превезувал и бројот на дозвола на камионот. Списокот содржи податоци за 111 транспорти на масло за подмачкување кои биле извршени од 4 јуни до 17 јули истата година, најмногу со цистерни, при што било прошверцувано количество од 2.191 тони нафта. Пратките вообичаено ја преминувале границата во ноќните часови, а во триесетина случаи камионите ја напуштиле Македонија и дење. На списокот постојат ставки „трета“ и „четврта“ држава во кои фигурираат имиња на фирми-извозници, поединци или транспортери на маслото, кое во Македонија било преземено од домашни фирми-превозници.
– Ви пишувам за да Ви ја искажам загриженоста на мојата влада поради зголемениот број камиони и вагони со нафта и нафтени преработки што биле забележани од MAKSAM (разгранок на Комуникацискиот центар за помош на мисиите за споредување санкции – SAMCOM со седиште во Брисел, за Македонија) како ја преминуваат границата со Србија и ги прекршуваат санкциите. MAKSAM проценува дека од 4 јуни до 20 јули 1995 година преку Македонија во Србија биле испорачани над 2.000 тони нафта – пишува Kомрас во дописот до тогашната влада.
– Додека американската влада покажува толерантен став кон Македонија поради состојбата со која се соочува поради грчките блокади, таа не може и нема да одобри вакво бесрамно кршење на санкциите. Ваквите активности, ако продолжат, ќе имаат негативно влијание врз македонските побарувања што се однесуваат на нејзината улога во спроведување на санкциите, а може да го загрози развивањето поблиски односи во прилог на поддржувањето на македонските царински служби и други билатерални активности – предупредува Kомрас.
Загриженост за шверцот, исто така, има и во дописот на Маргарита Углас, шведска министерка за надворешни работи и претседателка на CSCE, Kомисијата за сигурност и соработка во Европа во август 1993 година. Таа посочува дека Македонија овозможувала во Србија да се шверцува македонска, но и нафта од други држави и препорачува да се изградат рампи преку железничките премини со кои ќе спречат ноќните транспорти на нафта кон Србија.
– Свесна сум за политичките и економските тешкотии со кои се соочува Вашата земја, но тие не можат да бидат оправдување за членка на ООН да не ги спроведува и почитува одлуките на Советот за безбедност – вели Углас.
Сеќавањата на Магаш и на Петрит Аме
За шверцот со нафта, но и со цигари и други стоки и досега македонската јавност ги слушала сведочењата на дел од учесниците. Меѓу нив, можеби највпечатливи, беа и Петрит Аме и Србинот Љубомир Периќ-Магаш.
Токму Магаш посочува дека наместо со бугарски, дел од нафтата од Бугарија се шверцувала со цистерни на „Млаз“ – Богданци, а тоа му го посочил директно Фрчкоски. Како што сведочи Магаш, партнерите од Бугарија во шверцот со нафта за успешната соработка им подариле два автомобили „мерцедес ес 600“ – популарно наречени слонови.
– Откако се појави проблем со шверцуваните цигари, кои моравме да ги пуштаме на границата пред нашите цистерни, Фрчкоски ми рече дека нафтата мора да ја превезуваме со камиони на „Млаз“. Прашав зошто така кога имаме договор со Бугарите за нивни возила, но тој ми рече дека тие мора да возат дел за владата – вели Магаш кој понатаму додава дека Фрчкоски ја прекинал соработката со „Мултигруп“ по атентатот врз Глигоров.
Петрит Аме, пак, во интервју по распитот во полиција по атентатот на Глигоров го посочува и овој црн бизнис.
– Ме прашуваа и за атентатот затоа што јас со „Мултигруп“ тргував со шеќер. Но, сите информации на Фрчкоски за инволвираноста на „Мултигруп“ во атентатот се „фалц“. Доколку беше поинаку, јас ќе знаев и сигурно ќе го спречев тоа. Киро го сакам како татко… Тој е единствен од македонските раководители што живее од плата. Сите други се замешани во бизниси со нафта, цигари… – сведочи Аме во декември 1995 година.
Шверцот и „Мрачното време на транзицијата“
Шверцот беше дел и од серијалот на „Република“ во 2014 година „Мрачното време на транзицијата“. Мирка Велиновска за тој период рече дека Македонија прва вовела санкции против СРЈ, но и дека во тој момент, Фрчкоски „маната“ ја претворил во операција за брзи пари.
– Ја инсталираше мрежата за шверц. Не сам, со тоа што не функционираше одбраната од шверц. Беше толку слободен да ја изведе затоа што знаеше дека Грција не беше санкционирана за нелегитимна блокада. Ние самите се наместивме „да ја казниме“ Србија, да си го пресечеме дотокот. Тоа разви класа на шверцери, а профитираа власта, полицијата, политичари, директори што бакнуваа раце за невидливи камиони… Мрежата се создаде тогаш. Во наши кругови Фрчкоски го викаа Капо, Дон. Тогаш и си забележи со Бранко, затоа што само еден Капо може да е на врвот. Ние новинарите го напаѓавме за тоа, а Фрчкоски се бранеше дека го исполнува тоа што Црвенковски му го кажува, а двајцата си забележија со Киро Глигоров… Шверцот во Македонија не можеше да се одвива на тоа рамниште на кое се одвиваше ако не беше благословено од меѓународните институции. Ваквите операции потоа им служат за политички притисок, за да имаат материјални докази за политичарите кои ќе се „одметнат“ или за да ги натераат да спроведат нешто или за да им дадат шут-карта – вели Велиновска која додава дека парите од шверцот завршуваа на приватни странски сметки.
Љубчо Георгиевски во истиот серијал за кршењето на ембаргото рече дека главните играчи биле од СДСМ.
– Но, потајно се надевавме дека сите тие пари, цел тој шверц, се прават со некој интерес за Македонија, како буџет, како девизни резерви, како државна економија, да се поправи тоа што беше останато од оној претходен грабеж од Југославија, конкретно од Србија кон Македонија. Потоа излезе дека целата приказна била оти имаме фирми што се збогатиле приватно, некои поединци направиле пари… – наведува Георгиевски.
Сепак, главното прашање кое и денеска виси во воздухот е зошто никој не одговарал за тој шверц и за богатења на таков начин. Не се знае точно ниту колкави суми биле „завртени“. Георгиевски, кој потоа со ВМРО-ДПМНЕ во 1998 година ја презеде власта, вели:
– Многу од тие документи беа уништени. Да ве потсетам, често имаше пожари, во царина, во аеродром. Така се уништуваа документите. Се сеќавам, подоцна еден службеник во Царина најде документ со список за извоз на нафта. Во него имаше неверојатни суми за извоз на нафта од Македонија. Дури, што беше интересно, имаше извоз на нафта од Македонија во Норвешка, од најголемите производители на нафта, од околу 200 милиони долари. Веројатно тогаш тоа не го знаел некој.
Сепак, кога станува збор за шверцот во Македонија, многу често се спомнува и трговијата со оружје. За тие документи од ЦИА веројатно ќе се почека уште некое време. Повторно, ќе потсетиме на интервјуто со Велиновска, која на прашањето како се шверцувало оружјето, вели – со авиони од Украина.
– Позицијата министер за одбрана ја имаше Владо Поповски. Другарот на Фрчкоски, кој беше министер за внатрешни работи. Двете контролираат царински премини, авиони, оружје.. И двајцата, ако велите дека исти ликови ни се повторуваат низ историјата, ете ги и двајцата во 2001 година го правеа Рамковниот договор. Од Устав, до промени на Устав, до Рамковен, до предлози на Меѓународната кризна група, сè овие луѓе ќе ги видите – наведува Велиновска.
Отворањето на дел од досиејата на ЦИА не ги потврди само наодите запишани во колективната меморија, колку што, веројатно, на новите генерации ќе им го избистри видувањето кон оние кои и денес се јавуваат како носители на „прогресивните идеи“. Имајќи предвид дека шверцот на тоа ниво би бил невозможен ако не бил „благословен” од меѓународните институции, како што вели Велиновска, веројатно ќе почекаме уште многу години за да се расчистат вистинските улоги во премрежињата низ кои минува Македонија од осамостојувањето.
Пишува: Наум Стоилковски
(Текст објавен во 230. број на неделникот „Република“, 27.1.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.