25. Светско ракометно првенство е во самиот финиш. Денеска на програмата е првото полуфинале во кое ќе се сретнат големиот фаворит и домаќин на мундијалот репрезентацијата на Франција и најпријатното изненадување селекцијата на Словенија.
Иако на хартија избраниците на Дидие Динар важат за големи фаворити, „змајчеки“ изјавуваат дека нема лесно да ја продадат својата кожа и ќе се обидат да стигнат до историски пласман во финале на еден мундијал.
Франција иако ослабена со неиграњето на столбот во одбраната помладиот од браќата Карабатиќ, Лука, не покажа дека има проблем особен во овој дел од играта и досега извојува максимални седум победи на домашен терен.
Селекторот на Словенија Веселин Вујовиќ својата луцидност уште еднаш ја покажа пред овој мундијал изоставувајќи неколку стандардни првотимци и носители на играта на својата репрезентација. Сепак и нивните замени покажаа дека се максимално физички подготовени, а не им недостасува ниту техничко знаење и секако мотивација. Одличната тимка игра е она што ги краси низ овој шампионат.
Можеби повеќе среќа во досегашниот дел од шампионатот имаа словенечките ракометари бидејќи им се редеа коцките особено по групната фаза кога најпрвин испадна Олимпискиот шампион Данска, а потоа и Европскиот, Германија.
Сепак до овој меч покажаа дека имаат квалитет за големи дострели, а зборовите на Веселин Вујовиќ пред овој натпревар дополнително ја подгрева атмосферата меѓу неговите ракомтари.
Најдобриот ракометар на денешницата и еден од оние кои ги споредуваат со Веселин Вујовиќ кога беше во играчка врвна форма, Никола Карабатиќ изјавува дека токму Словенија е репрезентацијата која е најсилниот противник кој можел да им се падне на еден чекор од големото финале.
Франција двата елиминациски меча од осминафиналето и четвртфиналето ги играа на стадионот во Лил пред 28.000 гледачи, но полуфиналето ќе го одиграат во својот дом во Париз во арената „Берси“ каде и оствариле досега најголемите успеси.
Пред вечерашниот меч кој започнува во 20.45 часот, во подготовителниот период овие два противника одиграа две подготвителни средби на кои убедливо славеа „триколорите“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.