Во швајцарскарскиот епски дуел во полуфналето на Австралија опен, најдобриот тенисер на сите времиња Роџер Федерер славеше над сонародникот Станислас Вавринка во максимални пет сета (7-5, 6-3, 1-6, 4-6, 6-3).
Почетокот на мечот не навестуваше долги и исцрпувачки речиси три часа игра, бидејќи 17. носител на турнирот во Мелбурн експресно поведе со 2-0 во сетови и имаше одлична игра против фаворитот на хартија.
Во продолжение Вавринка заигра на нивото на кое сме навикнале, не се предаде и набрзина со два брејка стигна до првиот сет за него во овој меч. По рутински добиениот четврти сет, мечот влезе во одлучувачки петти, а таму вистинска драма.
Во моментите кога се кршеше резултатот, Вавринка иако имаше неколку брејк можности, не ги искористи и направи неочекувана двојна сервис грешка во шестиот гем и едноставно му подари брејк на Федерер за 4-2. Најуспешниот тенисер во историјата веднаш го потврди брејкот, поведе со 5-2 за на крај со уште еден одличен гем на свој сервис да ја запечати победата и пласманот во големото финале во Мелбурн. Последен пат Швајцарецот одигра финален меч на Австралија опен во далечната 2010 година кога во финалето славеше над Енди Мареј.
HE’S DONE IT! #Federer through to the final! His first #AusOpen final in 7 years! pic.twitter.com/sT4qgvW09b
— #AusOpen (@AustralianOpen) January 26, 2017
Роџер Федерер по пауза од седум години повторно ќе игра финале на првиот гранслем-турнир, Австралија опен, а таму ќе го чека победникот од второто полуфинале меѓу Рафаел Надал и Григор Димитров.
Публиката посакува повторно на мегдан да ги видиме големите ривали и мајстори на белиот спорт, но за тоа се прашува и Бугаринот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.