| четврток, 6 декември 2018 |

Нов странец во редовите на МЗТ Скопје Аеродром

На самиот истек на преодниот рок во АБА лигата, кој трае до крајот на денешниот ден, управата на МЗТ Скопје Аеродром реши да ангажира уште еден кошаркар кој би ја зголемил конкуренцијата во тимот и кој би бил од голема помош во борбата за опстанок во регионалното натпреварување.

Станува збор за 24-годишниот Девон ван Острум, роден во Холандија, но државјанин и на Велика Британија, кој е висок 193 сантиметри и кој игра на двете бековски позиции. Тој потпиша договор со важност до крајот на АБА лигата, со можност истиот да биде продолжен и за македонското првенство.

Острум во сино-белиот табор доаѓа од Грција каде што настапуваше екипата на Короивос.

Новоангажираниот кошаркар е сениорски репрезентативец на Велика Британија и соиграч на Даниел Кларк, кој претходно беше дел и од кадетската, јуниорската и младинската национална селекција на оваа островска држава. Острум настапи на ЕП 2011 во Литванија, во квалификациите за ЕП 2013 и ЕП 2015, а беше на поширокиот список на британската селекција за ЛОИ 2012 во Лондон.

Неговото пристигнување во Скопје се очекува за в недела, што значи дека нема да биде во комбинација за вечерашниот дуел против Карпош Соколи во салата „Борис Трајковски“ (20 часот).

Дебито на Острум во дресот на МЗТ Скопје Аеродром треба да се случи на дуелот против Мега Лекс, закажан за 28 јануари во салата „Јане Сандански“, што му дава доволно време за прилагодување во новата средина.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top