„Подготвена сум да дадам воведно излагање“, рече на 22 септември минатата година специјалната обвинителка Kатица Јанева при расправата на собраниската комисија за работата на СЈО, пишува Дневник.
Седум дена пред тоа, на 15 септември, нејзината помошничка Ленче Ристоска на прес-конференција порача: „Доколку има услови за да биде одржана главната расправа, ние сме подготвени да започнеме со предметот „Пуч““. Еден месец и неколку дена подоцна, кога судијката Башевска ја одложи расправата поради безбедносните сертификати на поротниците, Јанева во судницата ѝ се развика:
„Kако не ви е срам што го одложувате судењето цела година, го одложувате предметот и нѐ малтретирате“.
Тоа беше на 1 ноември 2016 година. Kој ви е впечатокот од овие изјави? Дека Јанева никогаш не била поспремна за започнување на „Пуч“. Ви личи ли ова на случај во кој таа не е убедена во доказите? Или тоа беше само глума поради потребата да се прави спектакл пред изборите?
Значи, имаме три изјави, две на Јанева и една на Ристоска, со кои тие во месеците пред изборите, по дузина одложувања и развлекувања на случајот „Пуч“, меѓу другото, и поради свадба во семејството на Јанева, оставаа впечаток дека цврсто стојат на ставот за започнување на главната расправа. Сега, кога изборите поминаа, Јанева, која била спремна за воведното излагање и СЈО, во чие име Ристоска порача „ние сме подготвени“, одеднаш се откажува од процесот. Имале контрадикторни докази, па сега не биле убедени дека со тие докази можеле да водат случај против Заев, Верушевски и целата компанија. Можно ли е тоа? Тешко. Тоа што всушност сега СЈО ни вели е дека има нови докази што ги побиваат претходните докази, што кусо кажано значи дека претходните докази не биле докази. И тоа СЈО не можело да го види цела година? За што тогаш Јанева ќе давала воведно излагање? Меѓутоа, останува дека јавноста ја виде и снимката на Груевски и Заев во кабинетот на тогашниот премиер (сеедно што Јанева не ја прифати како доказ оти била компромитирана со објавување, а подоцна, пак, Фетаи бараше незаконските снимки да бидат доказ во случајот „Центар“). Останува и тоа дека на видело беа извадени и скајп-комуникациите на Верушевски (а можете да претпоставите дека тоа е само минорен дел од тоа што се случувало и минорен дел од доказите) за граѓанска војна за тоа дека вршат голема работа и дека нема да бидат заборавени, а конечно тука е и спогодбената пресуда на Звонко Kостовски.
Така што тешко е во оваа фаза некого да го убедите, освен шарената Соросова банда дека случајот не бил издржан. Независно од сето ова, има нешто друго што дополнително фрла комична светлина на с` ова што се случува. Во секое кривично дело мора да има жртва и оштетени. Инаку, нема дело. Kои се оштетените во овој случај и кои се жртвите? Kатица Јанева неколку пати изјавуваше дека како единствен нејзин сведок што ќе го повика на судењето е Никола Груевски. Тој е и еден од оштетените. Во согласност со нашиот Закон за кривичната постапка (член 57), секој оштетен има право „да биде известен за секое непреземање или откажување од кривично гонење од страна на јавниот обвинител“ и има, во согласност со истиот член, право „да изјави жалба до повисокиот јавен обвинител против одлуката на јавниот обвинител со која тој се откажува од кривично гонење под условите предвидени со овој закон“. Е, сега, едно прашање до Јанева, потоа до четворицата лидери на политичките партии и нивните наводни „експерти“ кои застанаа зад овој закон, потоа до Бејли Гарет, Жбогар, неговиот претходник Орав, Могерини, Хан и цела сурија меѓународни претставници кои работата на СЈО не ја вадат од уста: До кој повисок јавен обвинител оштетените од „Пуч“ да се жалат на одлуката на Јанева? И кои се, всушност, оштетените од делото? Утврдила ли Јанева или не? Според Зоран Верушевски и Ѓорги Лазаревски, меѓу другото, се товарат и ако соизвршители на делото неовластено прислушување од став 4 од член 151 од KЗ за кое се гони по службена должност.
Според изјавите на Заев, со тоа дело биле опфатени над 20.000 лица. Известени ли се сите дека се оштетени и ќе добијат ли сега документ дека Јанева се откажала од кривичното гонење на обвинетите во „Пуч“ за да може да се жалат и евентуално самите да го продолжат гонењето? Така бара ЗKП. Што правиме сега? Важи тој закон или не?Kако и да е, откажувањето на Јанева од „Пуч“ со очигледна идеја целиот случај да го сврти во спротивна насока во согласност со тврдењата на Заев дека власта е таа што се прислушувала сама себе, отвора простор за работа на Советот за јавните обвинители, кој е единствено овластен да ја оценува стручноста на работата на СЈО. А тој, заедно со Судскиот совет, треба да најде решение и за скратените права на оштетените, во што има место и за вмешување на Уставниот суд. Па, дури и за ова што го наведовме во согласност со член 51 од Деловникот. С` што треба е да се поднесе една претставка до него.
Објаснување од СЈО за откажувањето од „Пуч“
„Појаснуваме дека, во насока на професионално работење, ние не може да застапуваме обвинителен акт кој е во спротивност со доказите со кои располагаме и истрагите отворени од наша страна. Воедно укажуваме дека со откажување од обвинителниот акт во предметот „Пуч“ ние не прејудицираме дали некој е невин или виновен, туку сметаме дека за целосно и точно утврдување на фактичката состојба потребни се дополнителни докази, кои не можат да бидат прибавувани во фазата на главна расправа“, стои во соопштението на СЈО по повод откажувањето од „Пуч“. Во ова недостига само уште да се каже дека Груевски сам себе си се шпионирал, а Заев бил кај него во кабинетот да му каже дека сака да влезев во владата за Груевски веќе да не си го прави тоа.
Спорните одлуки секогаш пред празник
Интересно, ако се анализираат датумите кога Јанева носела некои одлуки кои предизвикуваат проблеми за неа и нејзините ментори во јавноста, ќе се види дека тие секогаш се носат пред некој празник. На пример, барањето за пуштање на Зоран Верушевски од притвор СЈО го упати до судот на 25 декември 2015 година, а тоа беше прифатено на 29 декември – два дена пред пречекот на Новата 2016 година.
Ден подоцна, на 30 декември, се случи и фамозното предавање на снимките од страна на Заев. Ако се сеќавате, без записник, што беше класично изигрување на ЗKП, кое помина несанкционирано. Сега Јанева одлуката за откажување од „Пуч“ ја соопшти на 18 јануари, ден пред празникот Водици, кога поголемиот дел од населението во државата се занимава со фрлањето на крстот. Дали е ова случајно? Се чини – не, туку е дел од стратегијата сите вакви спорни одлуки да се преземаат пред празнични и неработни денови кога вниманието на јавноста по дефиниција ќе биде одвлечено во друга насока.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.