| четврток, 6 декември 2018 |

Во книга на историчар од 16 век се наведува дека го зборуваме јазикот на Александар Македонски

pribojevic kniga

Во оваа исклучително интересна книга, што се чува во НУБ „Св. Климент Охридски“, професор Винко Прибојевиќ, користејќи голем број цитати од грчки и од латински писатели, тврди дека Македонците отсекогаш го зборувале јазикот што го зборувале и во 1525 година, кога тој ја пишувал својата книга. Според него, Македонците живееле на овие простори и во 16 век, како што живееле и во претходните векови.

Како исклучително учен човек за тоа време, одличен познавач на античката, класична историја, е роден на островот Хвар, каде што завршил основно образование, Винко Пробојевиќ заминал најпрво на студии по теологија за подоцна да специјализира во Италија и да стане еден од најугледните професори по теологија во тоа време.

Бидејќи бил доброупатен во историјата на Балканскиот Полуостров, кој патем тој го нарекува македонскиот полуостров, Прибојевиќ во својата книга користи голем број изворни податоци, кои ги собрал по тогашните библиотеки, архиви и доминикански манастири. Токму затоа во воведното обраќање до својот пријател Петар, Патрициј и заповедник на Галија, кој најверојатно го платил печатењето на книгата, меѓу другото бара книгата да биде издадена за општа полза на сите, но без да се исфрлаат цитатите на писателите наведени паралелно со главниот текст отстрана.

И според цитатите и според она што професорот го открил истражувајќи ја историјата, а врз основа на разликите во говорот меѓу Македонците и Грците, сосема е јасно дека Македонците никако не можат да бидат Грци, не знаат грчки, туку само својот мајчин, македонски јазик, и тогаш и секогаш.

Самиот Тукидид, или Прибојевиќ, во 1525 година, кој ја пишува книгата, тврди дека Македонија зафаќа простор од Византија, Тракија, Мизија и Илирија, а разликата меѓу Грците и Македонците веднаш се воочува од карактерот и начинот на живеење, а со таква спротивност во карактерите и обичаите не може да стане збор дека Грците и Македонците се ист народ.

Оттука, продолжува Прибојевиќ во својата книга од почетокот на 16 век, кога атињанинот Диоскип требало да се пресмета во двобој со Македонецот Хорат, меѓу војниците на Александар, како што пренесува Квинт Курциј, Грците биле тие што го бодреле својот Диоскип.

Зошто, вели Прибојевиќ, ако Македонците биле Грци, грчките војници не го бодреле Македонецот Хорат, како што го бодреле Гркот Диоскип? Самиот Пробојевиќ поставува уште многу вакви прашања користејќи изворни сведоштва што ги собрал истражувајќи за историјата на автохтоните народи на македонскиот полуостров.
Античките и средновековните Македонци зборувале ист јазик!?

Во оваа исклучително интересна книга за Македонија и Македонците, професор Винко Прибојевиќ, користејќи голем број цитати од грчки и латински писатели, всушност потврдува дека Македонците отсекогаш го зборувале јазикот што го зборувале и таа 1525 година кога тој ја пишува својата книга. Значи, според него, Македонците живееле на овие простори и во тоа време, во почеток на 16 век, како што живееле и во вековите што претходеле.

Ваквото тврдење на Прибојевиќ, секако, не ѝ лежи на срце на македонската петта колона која тврди дека имало голема празнина, без Македонци, од времето на апостол Павле до книгата на Крсте Петков Мисирков во 1903 година, односно дека Македонците исчезнале заедно со јазикот, обичаите, традицијата и својата историја. Дека тоа е обична измислица на оние што не се чувствуваат, и никогаш не се чувствувале Македонци, може да се види кај Прибојевиќ уште во 1525 година, а не денес.

Имено, тој тврди дека Македонците во тоа време, во времето во кое тој живеел, го зборувале истиот свој јазик каков што користеле и пред 1500 години кога Грците не можеле да ги разберат што зборуваат, па морало да се преведува. Еве што вели професорот од Венеција од 16 век: „Затоа што некои писатели тврдат дека Македонците треба да се вбројуваат во Грци, како приговор изнесувам едно мислење на Квинт Курциј од неговата книга „Делата на Александар Велики“.

Тој појасно од сонце го разликува македонскиот јазик од грчкиот, па како бел ден може да се види дека македонскиот говор никако не можела го разбере целата војска на Александар Велики затоа што еден дел од неговата војска биле Грци. Така, кога на Македонецот Филота, син на Парменион, кој требало да се брани пред македонското Собрание, Александар му рекол: „Филота, Македонците ќе ти изречат пресуда; те прашувам дали ќе им зборуваш на мајчин јазик“, а тој рекол дека нема да зборува на мајчин јазик затоа што  нема да го разберат сите.

Тогаш Александар веднаш додал дека Филота го мрази својот мајчин јазик. Ако Македонците биле Грци, тогаш овој проблем воопшто не би бил проблем зашто сите би зборувале грчки јазик. Фактот дека мајчиниот јазик на Македонците се разликувал од оној на Грците во војската на Александар Македонски, јасно покажува дека Македонците никогаш не се чувствувале Грци бидејќи припадноста на еден народ, како што вели Прибојевиќ, најдобро се докажува со единственоста на јазикот, па „за припадници на еден народ ги сметаме оние кои уште од најрана доба заедно со мајчиното млеко го примаат истиот јазик“.

Ако Македонците и Грците биле ист народ, смета Прибојевиќ, тогаш немало потреба Александар Велики да се нарекува крал на Македонците и Грците туку само крал на Грците. Значи, вели тој во својата книга стара пет века, бидејќи Македонците имаат свој јазик, а тој јазик не паднал од небо, јасно е дека тие отсекогаш, па и денес, како што сведочи и големиот Филип од Бергамо, го имале истиот јазик што го говорат и сега.

Ако е така, во 1525 година, кога е кажано и напишано од Прибојевиќ, тогаш сосема е веројатно дека Александар Македонски и цар Самуил зборувале ист јазик, оној што го зборувале Македонците отсекогаш. Според Прибојевиќ, Александар, Самуил и свети Климент, на пример, во 1525 година би се разбрале меѓу себе на својот мајчин јазик!
Немало писатели кои верно би ги прикажале делата на Македонците!

Според Прибојевиќ, „немало писатели кои верно би ги прикажале делата на Македонците“, па „голем дел од нивната најстара историја по Александар Македонски останала непозната“. Но, сепак, и оние податоци, кои, макар и против своја волја, како што вели, ги пружале другите автори, доволно јасно укажуваат на тоа дека ниту во воената слава, ниту во поседувањето на многу земји, подоцнежните таканаречени Словени не заостануваат зад ниту еден народ, туку, напротив, со своето славно потекло им заповедале на други народи.

Записите на Јулиј Капитолин, Требелиј Полион, Флавиј Вописк, Секс Аурелиј Виктор, Еутропија, ѓакон Павле и многу други по нив, пишува Прибојевиќ, потврдуваат дека многу римски цареви и многу папи се таканаречени Словени. Но, кога и само накратко би ги раскажал нивните дела, вели тој, би морал да напишам многу томови. Притоа, вели професорот од Венеција, не можам молчејќи да поминат преку овие факти:„Кога битките биле на море или на копно, Словените секогаш или ги совладувале своите непријатели или во машка борба ја наоѓале својата смрт.

Ништо кај нив не се смета пославно и подостоинствено од тоа да се победи или да се загине во јунашка борба. Затоа кога сакаат нешто да им веруваат, се колнат со зборовите “Да умрам веднаш, ако тоа не е така”. Словените сметаат дека не е важно дали ќе загинат или ќе победат, доколку тргнат напред со својата желба за слава.

Можеби е чудно, пишува Пробојевиќ, но сепак треба да се знае вистината дека дури и турскиот султан неверојатно многу ги ценел луѓето од македонско потекло, и затоа токму од нив ги именувал речиси сите главни команданти на војката, па така од нив формира силен одред од 20.000 луѓе за лична стража.

Затоа, за жал, фактите зборуваат, особено во она наше несретно време, пишува Прибојевиќ во 1525-та годона, дека Отоманските окупатори, со помош на вакви одреди, совладуваат кралства, заземаат царстава, освојуваат утврдени градови и со сите сили настојуваат да го срушат римското царство и да ја сотрат вистинската вера.

И не само Отоманската сега, туку и Малетачката република која била некогаш страв и трепет за своите непријатели, особено на море, најсилна била тогаш кога во своите редови имала словенски војници. Всушност, никој никогаш не видел овие народи, кои подоцна биле наречени Словени, да бидат млитави за борба или да веднат глава пред својот непријател“, завршува професорот Прибојевиќ.
Римјаните измислуваа провинции само да го снема името Македонија!

Во својата книга за Македонскиот полуостров и неговата историја, но онаа историја што не ја прекроиле или искривиле противниците на балканските народи, почнувајќи од антиката па сè до таа 1525-та година, кога ја пишувал книгата, Прибојевиќ изнесува стотици цитати и имиња на автори кои ги користи како извори за да ја поткрепи својата теза за прекинатата историја на народот кој на Балканскиот полуостров се доселил наводно дури во шестиот век.

Според него, таканаречените Словени, се разбира под други имиња, отсекогаш биле тука, а преселбата е измислена само за да се поништи континиутетот на опстојувањето на древниот народ низ вековите. За Прибојевиќ, кој е роден на островот Хвар, сите поделби на овој дел од Европа биле правени само за да се поништи автохтоноста на народот што живеел на своите вековни огништа со илјадници години.

Затоа тој тврди дека треба да се напушти старата поделба на покраини, која непријателите успеале да им ја врежат на таканаречените Словени, и повторно да се користи единствено точната и природна граница на народите што живеат, како што вели, на Македонскиот полуостров. Зборувајќи како Далматинец за Далмација, ја опишува и нејзината граница која на „запад оди до Истра, на исток граничи со Епир и Македонија, на север се простира до Босна и Хрватска, а на југ е Јадранското Море“.

Тоа се границите кои отсекогаш биле природни граници на полуостровот и кои обичните луѓе на Хвар ги знаеле и во почетокот на 16-от век, како што вели Прибојевиќ. Иако Македонија како држава во тоа време не постоела, границите останале да се помнат како граници на Македонија. Интересно е тоа што Прибојевиќ никаде во својата книга не ја спомнува Бугарија и Бугарите како дел од таканаречените Словени на Македонскиот полуостров.

Всушност, само на едно место има некаква асоцијација дека „целата земја до Црното Море е македонска земја која подоцна е прекрстувана со разни имиња за да се покрие трагот на вистината за Македонија“.
Значајни факти за потиснатата Историја на Балканот

Примерок од книгата на Винко Прибојевиќ, објавена во Венеција во 1532 година била пронајдена дури во 1922-та година од страна на академик Новак Грга, кој во 1951 година бил член на Југословенската академија на науките и уметностите во Загреб.

Благодарејќи му нему во 1951 година книгата е објавена прв и последен пат двојазично, односно латинскиот оригинал што бил печатен во Венеција во 1532-та година и преводот на српско-хрватски јазик направен во 1951-та година. Интересно е тоа што Народната библиотека во Скопје книгата ја добила во 1952-та година, значи една година по објавувањето, а според печатите на првата страница нејзиното заведување преку ревизиии во библиотечниот фонд била правена три пати.

Од печатите на книгата може да се види дека била пререгистрирана во 1957, во 1965 и во 2002-та година. Според академик Новак Грга делото на Винко Прибојевиќ во својата концепција и со своите ставови е од „епохална важност, затоа што открива значајни потиснати факти за славата на таканаречените Словени“ на Балканот. Оттука, смета тој, делото на Прибојевиќ е едно од најважните дела на балканската историографија и заслужува посебно место и во меѓународната историографија.

За академик Грга, и покрај некои грешки во цитатите на старите автори, Прибојевиќ „без сомнение е многу добар познавач на класичната историја, а можел да користи и грчки и латински извори. Исто така, одлично ги познава и делата на светите апостоли, но и делата на Аристотел, Августин, Тома Аквински и други“, или, како што вели академикот Грга, тој е „многу учен човек кој вледеел со тогашната литература, ги познавал сите тогашни големи историски дела, кои не само што ги читал туку и внимателно ги проучивал“.

Од друга страна, академикот на ЈАЗУ, кој напишал и предговор за изданието во 1951-та година, вели дека Прибојевиќ се служел и со сите тогашни енциклопедии, во прв ред со енциклопедиите на Калепин, Бергомас, Изидор и Бионд. Сето тоа, констатира академик Грга, го употребил во своето дело, кое така добива научна форма карактеристична за времето во кое ја пишувал својата книга, која, во првата фаза, всушност била говор што го одржал пред учените луѓе на Хвар.
Папата наредил да се спали книгата што користела цитати од Прибојевиќ!

Мошне интересно е тоа што Винко Прибојевиќ, односно неговата книга за Македонците, и нивната историја, која на латински јазик била отпечатена во 1532 година, извршила огромно влијание врз Мавро Орбини, кој ги прифатил неговите тези и во 1544 година во Рим објавил своја книга од ова област.

За жал, книгата веднаш била забранета, а папата наредил да се спали до последниот примерок. Сепак, еден примерок најверојатно некако бил спасен, па делото на Орбини повторно е печатена во 1601 година, а во неа се разработени сите главни насоки од книгата на професор Винко Прибојевиќ.

Во секој случај, како што вели академик Грга, Прибојевич бил голем патриот, кој прв ја изнел концепцијата за големината на Македонците, за народот на Македонскиот полуостров од антички времиња до средината на 16-ти век, настојувајќи тоа и научно да го докаже.

Колку успеал во тоа, и колку оваа негова книга може да се смета за научна, треба да каже науката, а единствениот примерок од неа постои и се чува во НУБ Свети Климент Охридски, во Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top