Најголем дел од овошките не се оштетени од ниските температури што ја зафатија Македонија, покажуваат теренските анализи, но појасна слика за состојбите ќе има дури напролет, рече денеска заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ванчо Костадиновски.
Одговорајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата за капиталните инвестиции во водостопанството, Костадиновски истакна дека влијанието на студот и снежните врнежи врз земјоделството постојано се следи. Секојдневна е и комуникацијата со земјоделските здруженија.
Снегот, рече Костадиновски, е благопријатен и добредојден за житните култури.
– Во комуникација сме со сите земјоделски здруженија поради врнежите од снег и ниските температури. Се прават анализи за евентуални штети кај овошните култури, но особено будно се следи ситуацијата со топењето на снегот. Тоа е всушност дел од редовното чистење на речните корита, каналската мрежа и управувањето со акумулациите, а целта е да се елиминира секаква опасност од какво било излевање, истакна заменик-министерот.
Според него, од претходното искуство, свеста за последиците од обилни врнежи е на повисоко ниво и менаџирањето со ваквите состојби е во вистински раце.
– Се надевам дека нема да имаме соочувања со негативни последици од топењето на снеговите, нивното влевање во речните корита и зголемувањето на нивото на водите во речните корита, па и во акумулациите бидејќи добро се следи состојбата. Снегот може само да обезбеди дополнителни количини вода. За тоа е неопходно нејзино правилно канализирање, да се насочи таму каде што е потребно, подвлече Костадиновски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Агенција за финансиска поддршка на земјоделството: Ако не ги искористевме парите ќе ни беа одземени од ЕУ
-
Земјотресите во Охрид се намалуваат по интензитет и зачестеност, комисиите ги проценуваат штетите
-
Праските скапуваат, министерот се весели: Николовски глув за проблемите на земјоделците, прв за виолина на уво (ФОТО)
-
Екипите на Град Скопје ги расчистуваат последиците од вчерашното невреме