По повод смртта на големиот македонски диригент и професор на Факултетот за музичка уметност, маестро Саша Николовски-Ѓумар и доајенот на албанската драма, реномираниот актер Сефедин Нуредини, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска упати телеграми со сочувство до нивните семејства.
Канческа-Милевска го изрази своето жалење за загубата на овие маркантни личности кои македонската култура ќе ги памети, творци кои со својата професионална активност, посветеност и ангажман со години го градеа достоинството на македонската култура и уметност на национално ниво но, и во меѓународни рамки.
– Со голема тага и неверување ја примив вестта за смртта на нашиот маестро Саша Николовски-Ѓумар. Заминувањето на овој голем уметник и човек претставува непроценлива загуба за вашето семејство, за македонската култура и македонската држава воопшто.
Придонесот на маестро Саша Николовски -Ѓумар во промоцијата и афирмацијата на македонското музичко творештво и неговиот ангажман во растежот на нашите национални институции како што се Македонската филхармонија, Македонската опера и балет, фестивалот „Охридско лето“, Музичката младина на Македонија, е навистина огромен.
Со неговата плодотворна работа, со неговите доблести, човечката искреност, љубов, ентузијазам и неизмерно разбирање кон своите студенти, маестро Ѓумар несомнено остави зад себе непроценливо наследство кое е трајно вградено во генерациите млади македонски диригенти. Силно ќе остане забележан неговиот влог во стимулирањето на младите музички уметници. Македонската култура никогаш нема да го заборави. Нека почива во мир, забележа министерката за култура Канческа-Милевска во телеграмата со сочувство упатена до семејството на маестро Саша Николовски–Ѓумар.
Во телеграмата упатена до семејството на доајенот на албанската драма, Сефедин Нуредини, кој почина синоќа, Канческа-Милевска го истакна придонесот на овој врвен актер кој во својата децениска кариера оствари бројни улоги на сцената на Албанскиот театар.
– Публиката со особено задоволство ќе ги памети неговите мајсторски креации во претставите „Прометеј“, „Сите мои синови“, Големата вода“, „Матуранти“ и многу други остварувања во кои покажа дека е уметник со огромен творечки потенцијал, актер со впечатлива креативна енергија која секогаш, со задоволство, беше препознаена на сцената и поздравена од неговата публика. Неговото творештво денес е императив за многу млади актери, посветено да го следат неговиот пример на уметник целосно посветен на својата уметност. Неговото име и животно дело оставија длабока трага во развојот и афирмацијата на албанската драма, во растежот на неговата матична установа и македонската театарска уметност воопшто. Името на Сефедин Нуредини засекогаш ќе остане запишано со големи букви во културната историја на Република Македонија, забележа министерката за култура во телеграмата до семејството Нуредини.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.