Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија на 22 април во големата сала на Македонската филхармонија ќе одржи концерт во чест на својот долгогодишен диригент и уметнички раководител Саша Николовски Ѓумар (1966-2017). Првично концертот беше закажан за 21 април, но од технички причини се одложува за наредниот ден.
Оркестарот од дваесет млади музичари ќе го води Дијана Имери-Илкоска. Солист на Концертот бр. 4 за пијано и оркестар од Бетовен ќе биде пијанистот Дино Имери. На програмата се и Адаџо од Бах и Мала ноќна музика од Моцарт, а ќе има и изненадување за публиката.
Диригентката Дијана Имери-Илкоска, која во 2014 година дипломираше во класата на Ѓумар, а сега е шеф-диригент на Оркестарот на МММ што многу години го раководеше нејзиниот професор, рече дека со концертот-омаж сакаат да го задржат споменот за Ѓумар и неговиот значаен придонес во македонската музика и едукација на млади музичари.
„Покрај тоа што беше маестрален и неповторлив диригент, за мене најважно во неговата дејност беше тоа што беше професор и, за среќа, јас бев негов студент. Од се што правеше, како музичар и како диригент, според мене најдобро го правеше професорувањето. Бевме многу слични по карактер – со огромен сензибилитет и работевме и разговаравме за делата и музиката. Беше прекрасен педагог. Беше шеф-диригент на Оркестарот на МММ и во многу наши разговори потенцираше дека негова желба е јас да го наследам раководството“, истакна Имери-Илкоска.
Пијанистот Дино Имери додаде дека концертот ќе биде не само сеќавање и оддавање почит и благодарност, туку и почеток на нова ера за оркестарот на Музичката младина кој, рече, заслужува поддршка и внимание.
„Многу е тешко денес да се биде уметник во Македонија, но не се откажуваме и ќе го продолжиме патот на маестро Саша, кој сите работи ги правеше со срце и со љубов затоа што тоа е вистинскиот пат“, рече Имери, кој синоќа настапи со Софиската филхармонија.
Генералниот секретар на МММ Александар Герасимовски соопшти дека Извршниот одбор на Музичка младина на Македонија донел одлука по концертот на 22 април Оркестарот на МММ да го носи името: Камерен оркестар „Ѓумар“.
„Во континуитет од 1986 година Ѓумар беше комплетно предаден на идејата – и за МММ и Камерниот оркестар, и за продолжување на почетоците на оркестарот поврзани со Фимчо Муратовски. Но Саша Николовски Ѓумар остави најголем белег, и тоа не само со оркестарот, туку, пред се, за промоција на млади музичари, она што е за нас најбитно“, рече Герасимовски, зборувајќи за придонесот на Ѓумар во развојот на Музичката младина на Македонија која постои 55 години.
Саша Николовски Ѓумар од 1998 година предаваше хорско и оркестарско диригирање на Факултетот за музичка уметност. Автор е на аранжмани на четири музички изданија. Почина на 50-годишна возраст на 14 јануари 2017.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.