Големата дерби пресметка од 21. коло во Премиер лигата меѓу традиционално најлутите ривали во англискиот фудбал, Манчестер јунајтед и Ливерпул, заврши без победник (1-1).
Ливерпул беше само на неколку минути од освојување на „Олд Трафорд“, но големата радост на четата на Јирген Клоп ја спречи, кој друг ако не, Златан Ибрахимовиќ со голот во 84. минута од средбата.
Ливерпул поведе со голот од пенал на Џејмс Милнер во 27. минута од средбата. Пеналот беше подарок од Пол Погба кој непотребно играше со рака во својот шеснаесетник.
„Црвените ѓаволи“ по бројните напади во второто полувреме успеаја да стигнат до израмнување во 84. минута, откако најпрво Фелаини ја погоди стативата при удар со глава, за веднаш потоа Ибрахимовиќ на смести во мрежата на денеска одличниот Мињоле.
Ова е второ реми сезонава на Јорген Клоп и Жозе Мурињо, кои по она реми без голови на „Енфилд“ во октомври минатата година, сега повторно си ги поделија бодовите.
Ливерпул со 45 бода се израмни на делба на втората позиција на табелата со Тотенхем, додека Манчестер јунајтед има 40 бода, доволни за шесттата позиција. На врвот од табелата е Челси со 52 бода.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.