| четврток, 6 декември 2018 |

Казната нема да ги вознемири: Вечерва со исти сили и во ист состав ја напаѓаме Ангола

Македонската ракометна репрезентација по вчерашниот слободен ден вечерва во Мец го игра вториот натпревар од Б групата на Светското првенство во Франција. Противник ни е селекцијата на Ангола, која на стартот загуби од Словенија. На вчерашниот тренинг поради повреда го немаше Велко Маркоски и неговиот настап е неизвесен, додека Дејан Манасков тренираше со намален интензитет.

– Мислиме на вториот ривал Ангола. Проблем ни се повредите на Велко Маркоски и Дејан Манасков. Велко Маркоски е важен играч за нас особено во одбраната 5-1 не е исто дали е тој или Талески. Со Тунис моравме да ја играме и одбраната 6-0. Имаме и Б комбинација, но не е исто. Манасков има повреда на зглобот, има оток. Ќе гледаме делови од нивниот дуел со Словенија и ги гледавме во полуфиналето на афрканското првенство каде играа многу подобро. Можеби им влијае и промената на климата. За нас е најопасно, ако се опуштиме, одиме чекор по чекор, најмногу се плашиме од самите себе. Треба да се игра со најдобрите, а потоа може да им се даде шанса на другите, изјави селекторот на Македонија Лино Червар.

Натпреварот Македонија – Ангола е последен од денешната програма во групата Б и почнува во 20:45 часот. Претходно играат Словенија – Исланд (почеток 14:45 часот) и Шпанија – Тунис (почеток 17:45 часот).

Червар одлучи, без промени во составот за мечот со Ангола

makedonija rakomet 1

Лино Червар уште за време на вчерашниот тренинг најави дека е премногу рано за замена (секој селектор има право на две замени за време на шампионатот), па на утринскиот Технички состанок било потврдено дека „црвено-жолтите“ ќе настапат со истиот состав како и на првата средба.

makedonija sostav

Ова значи дека Никола Митревски, Жарко Пешевски и Ристо Арнаудовски и денешниот дуел ќе го проследат од трибините, чекајќи шанса на некој од следните натпревари од овој мундијал.

ИХФ ја казни Македонија поради непочитување на правилата

makedonija rakomet

Светската Ракометна Федерација ИХФ ја казни Македонија со парична казна од 500 франци по одигрувањето на првото коло и натпреварот со селекцијата на Тунис. По комплетирањето на првата рунда ИХФ објави дека Македонците се казнети парично поради „ненумеричко излегување на терен“ пред претставувањето на играчите и свирењето на националните химни.

Ова значи дека ракометарите не излегле на терен според бројот на дресовите, што претставува кршење на правилата на ИХФ, поради што е изречена оваа казна.

Само за потсетување, РФМ мораше да плати парична казна и за време на последното Европско Првенство во Полска, тогаш поради кршење на правилото сите ракометари да играат со чорапи во иста боја.

Филип Лазаров: Во последните 20 минути покажавме нов квалитет во играта

filip lazarov

Нема еуфорија во нашиот табор по победата над Тунис и многу зрело сите во мислите ја имаат Ангола. И тоа не оваа Ангола која неубедливо стартуваше во Мец, туку селекцијата која ги намачи Египет и Тунис на шампионатот на Африка минатата година.

– Очекувањата против Ангола се победа, бидејќи знаеме дека се аутсајдери во групата. Сепак тие се селекција за респект, а резултатот од првиот натпревар против Словенија не се вистинскиот одраз на силите. Од видео снимките кои ги гледавме тие се сосема поинаква репрезентација. Првиот натпревар секогаш е специфичен, ние одигравме одлично, го свртивме исходот во последните 20 минути, што е нов квалитет на оваа репрезентација. Сега одиме максимално концентрирано против Ангола да извојуваме упте една победа – рече Филип Лазаров.

Низ историјата нашата репрезентација играла променливо против репрезентации од Африка, но никогаш во официјален натпревар не сме се сретнале со Ангола, која е селекција која ја сочинуваат ракометари кои играат во португалското или домашното анголско првенство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top