Вевчанскиот карневал е една од најголемите и најуникатни културни знаменитости во земјава. За него уште се вели дека е театар на отворена сцена, чијашто претстава никогаш не била одложена. Се одржува еднаш во годината и го слави доаѓањето на Новата година според стариот календар. Најголемиот европски фестивал на сатирата -Вевчанскиот карневал годинава почнува на 12 јануари.
– Василичарска Република Вевчани ќе ве пречека во автентичноста на исконската традиција на најспецифичниот уличен театар, заедно со „Нокаут“, „Фрајле“, Ефто Пупиноски, ДНК и Анета Наковска. Уникатни маски, архаичност и славење на креативниот дух во престолнината на македонската гостопримливост – велат од Општина Вевчани.
На 13 јануари во 13 часот е традиционалното дефиле на маските, кое ќе трае цело попладне. Вевчанскиот карневал завршува на 14 јануари со традиционалното палење на маските. Вечерта спроти Василица, штом се спушти ноќта, горномаалската и долномаалската тајфа василичари тргнуваат во обиколка на куќите. Пред секоја оро, пред секоја грст мрсни шеги за домаќинот и за домашните, песни и „Сурва година, со женски јагниња, машки дечиња, женски телиња…… Ураааааа!!!“. Големите желби за плодна и среќна година и донесената веселба домаќините ги наградуваат со парче леб, неготвено месо и, згора на тоа, пари. На Вевчанскиот карневал е познат обичајот „Крштевање вода во извор“ кој се врши во водите на познатите вевчански извори. Тоа се прави во мугрите под налетот на зората во два или три часот наутро, на 14 јануари, на Василица. Во водите на вевчанските извори се прави чинот на крштевање вода: молитвите на попот, кршењето на лебот и квасењето на василичарската китка го симболизира крштевањето на водата, а потоа се полнат бакарните садови. По ова зимската атмосфера се облагородува со песни, игри, желби и честитки „За многу години – Сурва година“. Потоа следува враќањето дома, каде што продолжува празнувањето на обичајот. Во домот „крстената вода“ од бакарниот сад се дели на половина.
За карневалот, традицијата, историјата и посетеноста разговаравме со градоначалникот на општина Вевчани, Цветомир Угриновски.
Секоја година со нетрпение се очекува карневалот во Вевчани за Василица. Колку маски и учесници ќе има годинава?
Угриновски: Предвидено е низ улиците на Вевчани да продефилираат повеќе од 1.000 василичари.
Колку гости очекувате?
Угриновски: Оваа година карневалот се одржува во текот на викенд и очекуваме голема посетеност во сите три дена. Според нашите пресметки, бројот на посетители ќе ја надмине бројката од 20 илјади, како домашни така и странски гости, а веќе е пристигната група од Лондон која ќе престојува во Вевчани неколку дена. Исто така, има најавени гости од Нигерија, Словенија, Хрватска, Србија, Полска…
Имаше ли откажување на учеството поради временските услови?
Угриновски: До овој момент немаме откажување присуство. Временските услови речиси секоја година се исти. Василица и карневалот се во зима, а Вевчани е убаво во зимски амбиент. Патиштата што водат до селото се проодни, а исто така исчистени се улиците низ Вевчани, така што нема никакви пречки од тој аспект за да се откаже присуството.
Дали некогаш воопшто се случило во минатото да биде откажан карневалот или да не се одржи?
Угриновски: Од записите што ги поседува Вевчанскиот архив, а кои се однесуваат на Вевчанскиот карневал, од самите почетоци на одржување на манифестацијата, пред повеќе од 1.400 години, до денес не се случило да не се одржи карневалот и покрај многубројните обиди за негово неодржување уште во времето на Отоманската Империја, но и подоцна.
Велите годинава ќе продефилираат повеќе од 1.000 василичари. Маските секоја година се држат во голема тајност сѐ до денот на карневалот, односно 14 јануари, никој не знае што сѐ ќе може да се види во карневалската поворка. Можете ли ексклузивно да ни најавите барем некоја маска?
Угриновски: Една од специфичните особини на Вевчанскиот карневал е неговата таинственост и покрај љубопитноста на вевчанци, па и пошироката јавност да дознаат нешто за маските. Секоја василичарска тајфа ја држи својата маска во најголема тајност до 13 јануари, така што ниту ние како дел од организацијата не знаеме какви маски ќе видиме в сабота.
Очекувате ли ова издание на карневалот да има маски што ќе ја критикуваат политичката состојба, некои политичари… со оглед на големиот број политички настани во текот на изминатата година?
Угриновски: Тоа е втората специфика на Вевчанскиот карневал – критицизмот и исмејувањето на политичките случувања кои ја обележале минатата година не само кај нас, туку и во светот. Се исмејува како локалната, така и глобалната политичка сцена, така што очекувам и такви маски, секако. Сепак, би сакал да истакнам дека очекуваме маски кои на свој василичарски начин ќе ги прикажат политичките случувања во изминатата година.
Вевчанскиот карневал е најуникатната културна манифестација во земјава. Колку време се одржува и дали претрпел некои измени со годините?
Угриновски: Вевчанските василичари постојат повеќе од 1.400 години и манифестацијата сама по себе претставува интересен спој меѓу паганското и современото. Уникатноста на Вевчанскиот карневал ја потврди и реномираната новинска агенција „Би-Би-Си“, која сними документарен филм за карневалот. Досега немало промени, традицијата се задржала и се надеваме дека така ќе остане.
Како вевчанци го доживуваат карневалот. Што претставува тој за нив?
Угриновски: Карневалот за вевчанци е празник за душата и за секој вевчанец важи максимата „Кај и да си, за Свети Василија, Вевчани да си“.
Разговараше: Невена Поповска
Фото: Дејан Станчевски
(Текст објавен во 228. број на неделникот „Република“, 13.1.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.