Кумановскиот театар ќе се реконструира. Со реконструкцијата се очекува да се подобрат условите за вработените и да се подобри општиот впечаток кај гледачите и кумановци за оваа установа, која идната година одбележува 70 години од постоењето.
Ова денеска го најави министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која ја посети оваа установа и се сретна со вработените од театарот и од кумановскиот Центар за култура. Таа истакна дека се работи за исклучително значаен проект од културата за Куманово.
– Со реконструкцијата почнуваме веднаш. Разговаравме за динамиката и планираме до крајот на јануари да се изработи проектна програма, со сите барања од страна на актерите, вработените во институцијата и за потребите за самиот театар. Во февруари да се објави тендер за избор на проектантска фирма која ќе го проектира проектот за целосна реконструкција на театарот, изјави министерката за култура.
По добивањето на ревидираниот проект, како што рече, ќе следи постапка за избор на фирма за реконструкција, кој ги опфаќа сите фази – електрика, машинство, сценска технологија… Сцената ќе има најсовремена техонологија, а со реконструкцијата на салата и на балконите се очекува и зголемување на гледалиштето од постоечките 270 седишта, како и ентериерно уредување и реконструкција на фасадата.
– Архитектите кои ќе бидат вклучени од Министерството за култура ќе треба заедно со вработените да направат проектна програма со сите барања и вклучувања во делот реконструкција на сите фази. Верувам дека овој проект ќе биде исклучително значаен пред се за уметниците, за подобрување на условите за работа бидејќи театарот следната година одбележува голем јубилеј-70 години од постоењето, рече Канческа-Милевска. Додаде дека реконструкцијата ќе овозможи подобри услови и за албанската драма, која ќе биде вклучена во театарот и заеднички ќе функционираат.
Таа најави дека ќе продолжат со поддршка на што повеќе проекти во делот на театарот, и во македонската и во албанската драма, како повеќе претстави и вработувања. Потсети дека претходно се вработиле актери, драматурзи, режисери и најави оти ќе продолжат во таа насока се со цел, како што потенцира, да има зголемена продукција во овој театар и да се стави во функција на актерите и вработените.
Покрај инвестициите во театарот, министерката потсети дека се реализираа и инвестиции во Центарот за култра „Трајко Прокопиев“, како реконструкција на покривот, која е во завршна фаза.
Канческа-Милевска потсети на сите инвестиции и вложувања во институциите кои функционираат во Куманово и додаде оти во националните институции имаат други проекти во музејската дејност во заштитата.
– Буџетот е зголемен и во делот на инфраструктурните дејствија и во делот на програмските средства, така што ќе продолжиме со таа динамика на што повеќе проекти. Како што ме информираа актерите, тие имаат потреба од зголемена театарска продукција, така што ќе се потрудиме и оваа година да им дадеме повеќе проекти и се надевам дека и годинава ќе имаме добри претстави, изјави Канческа-Милевска.
Директорот на Центарот за култура Сашо Костовски изрази благодарност за реконструкцијата.
– Со овој чин се исполнува и професионалната и личната желба, не само наша, туку и на изминатите генерации кои биле вработени тука, затоа што не поврзува иста идеја, што ќе значи подобрување на условите за работа и подобар ефект кај гледачите, кои секоја година се во се поголем број, рече Костовски. Додаде дека при крајот на 2019 година ќе се заврши целосната реконструкција на театарот.
Според него, и покрај градежните активности кои ќе се реализираат, ќе продолжат да се реализираат програмските активности.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.