| четврток, 6 декември 2018 |

ССМ повикува да се реализираат кривичните пријави против лицата кои лажно се претставуваат

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) ги повикува надлежните институции да почнат да ги реализираат кривичните пријави против, како што велат, фалсификаторите кои се обидуваат лажно да се претставуваат, насилно влегуваат во просториите на Синдикатот и го попречуваат владението.

– Обидот за насилен упад во ССМ беше спречен благодарение на функционирањето на правниот систем. Дефинитивно е утврдено дека решението на техничката министерка Ременска било фалсификувано, дека не се спроведувани процедурите и дека не е направена постапка, а 13 од 17 грански синдикати јасно укажаа дека не учествувале нивни претставници, ниту, пак, била направена постапка. Решението е поништено од страна на Министерството за труд и социјална политика и никогаш во Централниот регистар не било избришано името на легитимниот претседател на ССМ Живко Митревски- е посочено денеска на прес-конференција во ССМ.

Митревски нагласи дека се покажува оти таканаречениот в.д. претседател Димовски и претседателите на четирите грански синдикати кои се исклучени од ССМ немаат поддршка од членството и додаде дека тоа и визуелно се гледа и од денешното собирање пред зградата на ССМ.

– Пред ССМ е собрана група од триесетина лица од кои половината не се ниту членови на ССМ и се пуштени од некои други структури. Тоа покажува дека целокупното членство на ССМ дава апсолутна поддршка на легитимно избраното раководство на ССМ заедно со претседателот, рече Митревски и додаде дека се отворени кон членовите на исклучените грански синдикати, но не и кон нивните претседатели, кои, како што рече, прават обиди да ја дезинформираат јавноста.

Тој ги обвини претседателите на четирите исклучени грански синдикати од ССМ дека направиле криминал и оти само на име на неплатена членарина во последните две години го оштетиле Синдикатот за повеќе од 15 милиони денари. Од нив повеќе од 2,5 милиони денари се од Агросиндикатот,  над 4,6 од СИЕР, речиси 4,4 од УПОЗ и повеќе од 3,3 милиони денари од СУТКОЗ.

Митревски посочи дека се што се случува во последниот период во ССМ е оркестрирано и е поврзано со одредени структури од надвор и со одредени бизнис интереси.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top