| четврток, 6 декември 2018 |

ССМ: Кризата да се надмине со почитување на Уставот, заштитата на унитарноста и суверенитетот на државата е приоритет за сите

Сојузот на синдикати на Република Македонија (ССМ) ја изразува својата загриженост за ескалацијата на политиките, апелира и бара до сите инволвирани во овој процес, во интерес на стабилноста на државата, во интерес на просперитетот на македонското општество, во интерес на обезбедување на нормален процес на работа, во интерес на обезбедување на социјално, материјалната и економска состојба на работниците и граѓаните во РМ да ги преземат сите уставни и законски надлежности за справување со кризата.

– Повикувајќи се на основните демократски вредности, втемелени во член 32 од Уставот на РМ за остварување на правото за работа, слободен избор, заштита при работењето, повикувајќи се на принципите промовирани од ИТУЦ и ЕТУЦ за заштита на ова право, повикувајќи се на Меморандумот за заедничка соработка на синдикалните централи во РМ и повикот од сите синдикати, ССМ ги повикува и бара сите актери и субјекти во оваа криза да пристапат кон нејзино надминување, водејќи се и почитувајќи ги принципите на почитување на Уставот, унитарниот карактер на државата, државниот суверенитет и интегритет, рамноправност и интегритет на народот и граѓаните и мултиетничкиот карактер на државата – велат од ССМ.

Од Синдикатот повикуваат на почитување и спроведување на овие основни уставни вредности и принципи како основа која ќе овозможи натамошен просперитет на граѓаните и работниците во РМ.

– Убедени сме дека сите синдикални централи, потписници на Меморандумот за заедничка соработка и сите останати синдикати ќе го дадат максимално својот придонес во остварување на гореспоменатите вредности и цели како основи кои ќе овозможат натамошен просперитет на граѓаните и работниците во РМ – велат од ССМ.

За ССМ, надминувањето на кризата, доследното почитување на Уставот, законитоста, унитарноста и суверенитетот на државата и заедничкото живеење е приоритет на сите и основен предуслов за мирен и спокоен живот и развој на РМ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top