Марк Морел е Французин, кој веќе три години е со постојан престој во Македонија, иако, како што открива за „Република“, со земјата првпат се запознал во 1970 година. Марк живеел во повеќе земји во светот. Тој е хидролошки истражувач, кој работните обврски од Франција го довеле во Охрид, преку неговата мисија за здрава животна средна. Работејќи на еден проект што опфаќа земји од Балканот, ја запознава и својата сопруга Оливија со која живее во Скопје. За македонскиот народ вели дека е многу љубезен и секогаш подготвен да помогне. Му се допаѓа веселоста и спокојниот живот, кој го имаат луѓето овде. Го сака Охрид и смета дека е природно богатство што треба да се негува. За тоа како ги поминува новогодишните празници, Марк открива дека Божик е празник што секогаш треба да се прославува со најблиските
Кога првпат дојдовте во Македонија?
Морел: Во 1970 година дојдов за првпат во Македонија, преминувајќи преку Југославија, по патувањето во Турција и во Грција. Но во 2002 година, работејќи во Франција како хидролошки истражувач на Институтот за истражување и развој (ИРД), доаѓав повеќе пати. Тогаш почнав и координирав европски проект на Балканот за водните ресурси, климатските промени и за прашања поврзани со животната средина, во кој Македонија беше партнерска земја. Го организирав БАЛВОИС во Охрид во 2004 година. Оваа конференција имаше голем успех. Поради тоа до 2012 година организиравме уште четири други конференции со силна поддршка од македонските институции. Особено од хидрометеоролошките служби на Македонија. Во исто време ја запознав мојата идна сопруга, која беше метеоролог. Тоа е главната причина што живеам во Скопје.
Доаѓате од земја со различна култура и традиција од Македонија. Како успеавте да се приспособите на животот овде?
Морел: Јас сум роден во Алжир, каде што ги поминав моите први 12 години пред осамостојувањето. По студиите во Франција, живеев и работев во странство 30 години, во Африка, околу Медитеранот и во француските прекуморски департмани. Благодарение на овие претходните искуства и со големото гостопримство на Македонците, немав некои тешкотии да се приспособам. Сепак, јас апсолутно морам да го подобрам мојот македонски јазик, бидејки е блиску до нула! Ја сакам Македонија и една од моите занимации е да фотографирам пејзажи и стара архитектура. Пред неколку години јас го направив првиот франкофонски интернет-портал во Македонија. Моите фотографии, мапи и многу стари документи преземени од „Националната библиотека на Франција“ за историјата на Македонија се наоѓаат таму.
Кое е Вашето мислење за македонскиот народ?
Морел: Ги ценам многу љубезноста, топлината и веселоста на Македонците. Луѓето од оваа земја многу ги почитуваат странците, поради што го користам мојот статус како француски државјанин. Како и повеќето луѓе овде, со моите македонски пријатели многу често имаме пријателски средби, заедно уживаме во македонската музика, уметноста воопшто, патувања, како и во други активности, кои ги правиме заедно колку што е можно повеќе. Штом се воспостави личен контакт со луѓето овде, сите се подготвени да помогнат и да те поканат на пријатна дружба. Сите мои пријатели од Франција се пријатно изненадени од тоа колку спонтано се здобиваат пријателства во Македонија. Ако, пак, погледнеме и некоја друга страна од животот овде, јас жалам за неколку работи. На пример, македонските возачи се малку образовани. Кога ќе го стартуваш својот автомобил тоа е како да им објавуваш војна на возачите. Примирјето почнува само кога ќе пристигнете во вашата гаража. И уште поважно, македонските институции и граѓаните мора да направат напор за зачувување на природата и на животната средина од отпадоци, кои можат да се најдат насекаде во Македонија, посебно во реките.
Што мислите, кое е најубавото место, кое секој странец што ќе дојде во Македонија треба да го посети?
Морел: Во текот на летото сакам да престојувам во Охрид или, поточно кажано, во еден прекрасен камп каде што запознав и сега имам многу добри пријатели. Како хидролог и морнар, знам многу реки, езера и мориња, но, искрено, ниедно не е како Охридско Езеро, со толку убава, транспарентна, чиста и слатка вода. Охрид е најбогатата туристичка атракција и поради тоа сметам дека мора да се зачува како природен екосистем, фантастичен е!
Дали ја сакате македонската традиционална кујна?
Морел: Како човек што доаѓа од Алжир, кој, исто така, беше под отоманско влијание, многу ја ценам македонската кујна, која покрај ункатноста во некои рецепти има и медитеранско и турско влијание.
Ја дочекавме новата 2017 година. Кое е Вашето мислење за прославите што се организираат овде?
Морел: Мене, всушност, ми се допаѓаат музичките шоуа и забавите, но за дочекот на Нова година или Божик јас преферирам да бидам со пријателите во поинтимна атмосфера.
Спoменавте дека сте живееле во многу држави во светот, кое место Ви остави најголем впечаток за време на Божик?
Морел: Во текот на последните години пред да дојдам во Македонија живеев на Карибите (Мартиник), каде што прославата на Божик е многу важен момент од јавниот живот. Неколку недели пред 25 декември организиравме средби со пријатели , имаме неколку прекрасни часа пеење традиционални христијански песни. Многу убави и среќни моменти…
Ви недостига ли родната земја?
Морел: Не, навистина. Се разбира, јас би сакал почесто да ги гледам моето семејство и моите пријатели што живеат во Франција. Но, за среќа, тие многу ја сакаат Македонија и доаѓаат многу често. И преку интернет, исто така, е многу лесно да се биде во контакт со нив.
Кои се Вашите планови, останувате ли да живеете во Македонија?
Морел: Мојот живот е во Македонија и јас апсолутно не сакам да заминам од оваа земја.Како странец не би сакал да навлегувам во политичките, економските и социјалните прашања . Сепак, како истражувач вклучен во еколошки теми, би сакал да видам како во Македонија постои поголема грижа за животната средина.
Пишува: К.Н.К
(Текстот е објавен во 227 бр. на Неделникот Република)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Виолета Џолева, режисерка: Со првиот мјузикл за деца сакам да им се заблагодарам на маестро Џамбазов и на Оливера Николова
-
Бислимовски: РКЕ нуди четири цени на нафтените деровати, но трговците секогаш ја избираат највисоката
-
Тарик Филиповиќ: Жив актер на сцената сѐ уште е мамка за луѓето да доаѓаат во театар
-
Аница Добра, актерка: Навистина ја имам најдобрата професија на светот!