| четврток, 6 декември 2018 |

Студот коси во Европа: Во Италија 8 жртви, над 10 во Полска, 3 во Бугарија

Обилните снежни врнежи и двоциферена температура под нулата доведоа до смртни случаеви и го пореметија соображајот ширум Европа. Во Италија починаа 8 лица, во Полска најмалку 10, во Бугарија 3, а жртви има и во Албанија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина.

Осум жртви од студот во Италија- многу сообраќајки во Германија

Исклучително студеното време во Италија предизвика осум жртви, пренесоа американските медиуми. Меѓу настраданите има и двајца бездомници, од кои едниот бил пронајден мртов во приземеје од една напуштена зграда во Милано, а вториот починал на улица, крај реката Арно во Фиренца.

Во западна Германија студот и замрзните сообраќајници беа причина за мноштвото инциденти на патиштата. Во Хамбург пожарникарите биле повикани да укажат помош во 415 инциденти, поврзани со голомразицата. Луѓето во Германија се повикуваат да не излегуваат надвор заради студот. На одредени места, заради влошените метеоролошки услови, јавниот транспорт има нов распоред на возење.

Најмалку 10 лица починаа од студот во Полска- возач загина во Белгија

Во Полска, каде температурите се 20 степени под нулата, најмалку десет лица починаа поради студот во изминатите неколку дена. Црниот биланс од поларниот студ од 1-ви ноември веќе достигна 56 лица, соопшти денеска Центарот за безбедност при Полската Влада. Најтежок беше петокот, кога студот не го преживеаја дури 7 Полјаци

Во Белгија еден возач загина откако неговиот камион излетал од автопатот. Русија го помина најладниот Божиќ во псоледните 120 години, бидејќи термометрите во Москва во текот на ноќта покажале 30 степени под нулата, додека во Санкт Петербург температурата била минус 24.

Студот коси и на Балканот- три жртви во Бугарија

Во Албанија регистрирана е првата жртва од студениот бран што ја зафати земјата изминатите денови. Станува збор за лице на возраст од околу 35 години,  евидентиран  како бездомник, кој најчесто пресојувал во населбата бр.17 во пристанишниот град Драч. Според жители на населбата тој бил лице со психички проблеми.

Студот зеде и три жртви во Бугарија. Минатата ноќ во Ќустендил беа измерени минус 26 степени, објавија бугарските медиуми. Со денови остануваат без струја неколку села во областа, до кои пристапот е тежок.

По една жртва од студот има и во Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина.  Дел од медиумите попладнево објавија дека бездомник на возраст од 68 години е можна прва жртва од студот во Македонија. Тој е  е пронајден починат во скопската населба Аеродром на улицата „Коста Новаковиќ.

Според информациите смртта на бездомникот ја пријавил негов другар, исто така бездомник, кај чуварот позади старите магацини на АРМ во чуварницата спроти поликлиниката Јане Сандански утрово околу 9.30 часот. Лекар од итната медицинска помош констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител телото е предадено на судска медицина за обдукција. Се претпоставува дека бездомникот починал од студ, но точната причина за смртта треба да ја покаже обдукцијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top