| четврток, 6 декември 2018 |

Леден бран го зафати источниот дел на Америка, милиони се загрозени (Видео)

Источниот дел од САД, од државата Џорџија до Масачусетс, е зафатен од бура пропратена со обилни снежни врнежи, што предизвика прекин во снабдувањето со електрична енергија до повеќе илјади луѓе и стотина сообраќајни несреќи. Издадено е предупредување кое се однесува на дури 73 милиони Американци.

Поради снежните наноси, се откажани или доцнат огромен број на летови ширум САД. Обилен снег започна да паѓа во деловите на Џорџија, Северна и Јужна Каролина и Вирџинија.

Метеоролошката служба соопшти дека најголемата висина на снежната покривка изнесува околу 30 сантиметри забележана на југоистокот од Вирџинија и на северот од Северна Каролина. Во деловите на Џорџија висината на снегот изнесува околу 15 сантиметри.

Гувернерот на Џорџија, Нејтан Дил изјави дека повеќе илјади граѓани пријавиле прекин во снабдувањето со струја. Локалните власти во Атланта побараа од мештаните да ја проверат состојбата на постарите сограѓани кои останаа без струја.

sneg

Сообраќајот на неколку автопатишта во потполност е запрен поради снегот и пријавени се неколку сообраќајни несреќи.

Во областа Монро во Џорџија пријавен е и еден смртен случај, кога теренско возило излетало од замрзнатиот пат.

Во Северна Каролина пријавени се повеќе од 700 сообраќајни несреќи и околу 20.000 прекини во снабдувањето со електрична енергија.

Во државата Конектикат дваесеттина возила и цистерна учествувале во верижен судир кај Мидлтаун.

Метеоролозите предупредуваат дека студениот бран ќе се задржи и денеска на истокот на САД.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top