Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија Илчо Ѓорѓиоски по четири години поминати на функцијата го закажа изборното собрание за продолжување на мандатот. По новогодишните празници за официјалниот сајт на федерацијата се осврна на досега сработеното, резултатите и идните планови и програми.
Пласманот на Европското првенство во Полска на македонската репрезентацијата до 21 година ја одбележа годината што измина. Прв пат во историјата на македонскиот фудбал една наша репрезентација ќе биде дел од големо натпреварување. Веројатно сте задоволни од резултатите на спортски план?
Имаме победничка екипа до 21 година, одлична репрезентација. Навистина сме среќни што ќе бидеме дел од Европското првенство во Полска.Секогаш е убаво да се сподели радоста за тоа што го направивме со младите селекции, но и да се соочиме со предизвиците кој ни следуваат. Не сакаме, ниту смееме да им наметнуваме товар за успех, но посакуваме добро да се подготват за историскиот шампионат. Тие се иднината на македонскиот фудбал, би можеле да ја предводат А селекцијата на големо натпреварување. Им посакувам многу среќа, се надевам дека македонскиот фудбал после две децении конечно не сплоти и израдува. За нас е најважно што им даваме импулс на сите млади селекции, вклучувајќи ја и фудбалската академија. Годинава и младите репрезентативци до 17 години имаа забележителни настапи во квалификациите за пласман во елитната фаза на Уефа. Селекцијата до 17 години само поради еден жолт картон не обезбеди место меѓу најдобрите во Европа. Тие репрезентации се нашиот влог во иднината, генерации на фудбалери за годините кои доаѓаат. Резултатите на тие селекции се нивни успех, ја делиме одговорноста за поразите. На тој начин функционираме и тоа не ни пречи, напротив.
Речиси без исклучок, после секој натпревар на репрезентацијата, а тоа посебно се однесува на најдобрата селекција, прстот за резултатите е вперен кон раководството на ФФМ. Македонската А репрезентација никогаш не била близу до пласман на големо натпреварување, ниту кога во репрезентацијата играле и многу поголеми имиња од сегашните, но јавноста секогаш имала големи очекувања, а федерацијата секогаш била главниот виновник за резултатите. Ви пречи ли таа перцепција?
Знам што значи фудбалот, сум играл фудбал и имав привилегија да бидам и на терен и во соблекувална и на клупа како тренер. Најлесно е да се критикува и не бегаме од конструктивните забелешки, но убеден сум дека работите ќе се променат на подобро. Не затоа што тешко ги поднесуваме критиките, туку заради резултатите кои ќе бидат подобри. Јасно е дека резултатите на А селекцијата не се најдобри, но верувам дека сме на вистинскиот правец. Во овие квалификации бевме надиграни единствено од Шпанија. Одигравме одлични натпревари против Италија, Израел и Албанија. Навистина немавме среќа да се израдуваме на добар резултат, но напредокот во играта и посветеноста на тимот го видоа сите. За А репрезентацијата често се говори малку потценувачки, но мора да сфатиме дека таа репрезентација е на сите нас и треба да и дадеме максимална поддршка. Ако после таков несреќен пораз какви што имавме во овие квалификации душата го боли еден Горан Пандев, тогаш знаете дека се бореле и спортски и со срце. Ние повеќе од дваесет години имаме само редок резултатски блесок и брзо враќање во реалноста. Општиот впечаток е дека на националниот тим му недостасува “непозната“ за остварување на голем резултат, но мораме да продолжиме да веруваме, да имаме страст за репрезентацијата.
Целото интервју на Илчо Ѓорѓиоски може да го прочитате на следниот ЛИНК.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.