Американците му се на трагата на лидерот на Исламска држава Абу Бакр ал Багдади и наводно знаат каде се движел во изминатите неколку недели, јавува Си-ен-ен повикувајќи се на американски безбедносни извори.
„Во последните неколку недели знаеме каде се движи“, изјавил изворот. Багдади, според изворот на Си-ен-ен, е жив, а тврдењата за неговата смрт на социјалните мрежи се лажни. Американските власти, според информациите што ги имаат, веруваат дека Багдади се крие во Рака, но не се сосема сигурни.
Месецов САД ја зголемија наградата за информации кои би довеле до негово фаќање од 10 на 25 милиони долари.
Лидерот на ИСИС веќе подолго време успешно се крие од јавноста и многубројните непријатели на терористичката група. Многумина веруваат дека со неговата ликвидација практично би се уништила ИСИС која во последната година рапидно губи територии. На сѐ помалата територија Багдади сѐ потешко се движи, особено сега кога Американците му се наводно зад петици.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.