| четврток, 6 декември 2018 |

Конституиран деветтиот состав на Собранието

Со верификација на мандатите на 120-те новоизбрани пратеници денеска е конституиран деветтиот состав на Собранието на Република Македонија. На седницата присуствуваа 118 од 120-те избран пратеници, а со неа претседаваше претседателот на Собранието во заминување Трајко Вељаноски.

pratenici-12
По верификацијата на мандатите, Вељаноски ја прекина седницата, бидејќи до нејзиното одржување немаше предлог од десет пратеници за формирање на Комисија за прашања на изборите и именувањата, како што е предвидено. Седницата ќе биде закажана, како што рече Вељаноски, кога ќе се создадат деловнички услови за тоа и ги повика овластените претставници на партиите да номинираат членови на Комисијата за избори и именувања. На тоа прво продолжение на оваа седница треба да биде избран и претседател на Собранието.

pratenici-1

Претходно, Извештајот за резултатите од изборите и мандатите беа изгласни на седница на Верификационата комисијата, чиј претседател беше Влатко Ѓорчев, а членови Петре Шилегов, Реџаиљ Исмаили, Фадил Зејнели и Сурија Рушити.

Фадил Зендели од движењето Беса побара Извештајот од ДИК да биде преведен на албански јазик, и побара да не му биде верификуван мандатот на Јохан Тарчуловски, зато што, како што рече, тој е Хашки осуденик.

Претседавачот со седницата Вељаноски кажа дека Извештајот е веќе преведен од службите и оти сите документи во Парламентот се преведуваат. Во врска со барањето за Тарчуловски, посочи дека во Зендели треба да посочи правнички и Деловнички пречки, и оти не може да бара нешто само врз основа на тоа дали нему му се допаѓа или не. Работиме по Устав, закони и Деловник, рече Вељаноски.

pratenici-2

Изборната кампања заврши, рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски, додавајќи дека Собранието на РМ има одговорност пред сите граѓани и оти затоа е Собрание и ги претставува сите граѓани во оваа држава. –

Ова Собрание е составено врз база на волјата на граѓаните и сите го претставуваме него, истакна Димовски.

На почетокот на седницата Оливер Спасовски, од коалицијата предводена од СДСМ, во процедурална забелешка рече дека Вељаноски не треба да претседава со седницата заради тоа што и според парламентарната пракса и според Деловникот, со неа треба да раководи најстариот пратеник. Спасовски рече дека Вељаноски се повикува на промената на Деловникот од 2008 година, но оти по изборите после тоа сепак конститутивна седница ја водел највозрасниот пратеник.

pratenici-10

– Зошто воведувате нови стандарди во парламентарната демократија во Македонија, но тоа не е страно за вас. Не треба да продолжите по стариот терк со кршење на Деловникот и со едно насилие, рече Спасовски.

Вељаноски кусо одговори дека има разлика во праксата и во спроведувањето на Деловникот. – Јас мислам дека Деловникот преовладува во работата и така треба да направиме, рече Вељаноски.

paratenici-3

За заменици на претседавачот со седницата беа назначени пратениците Стојан Миланов и Јусуф Хасани.

На конституирањето на Парламентот не присуствуваа двајцата избрани пратеници од ДПА.

На седницата, која има и свечен карактер, присуствуваа високи претставници на верските заедници, на судската власт, на МАНУ, дипломатскиот кор…

Деветтиот македонски парламентарен состав ќе има 120 народни избраници. Најмногу пратеници има коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ 51. Коалицијата предводена од СДСМ има 49 мандати, ДУИ 10, Беса – 5, Алијанса на Албанците – 3 и ДПА – 2. Во овој парламентарен состав нема народни избраници од дијаспората поради недоволен број освоени гласови.

Новиот собраниски состав има 62 нови и 58 пратеници од минатиот состав, а некои од нив биле народни избраници и во други состави. Составот на Парламентот би можел да се промени по формирањето на влада доколку некои од пратениците бидат избрани на функција во извршната власт или не го прифати мандатот од одредени причини.

pratenici-4

Претседателот на Република Македонија е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата.

Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top