Емигрантите што поминуваат низ Македонија и низ Србија, патот кон западна Европа, најчесто го плаќаат со прошверцувани наркотици од Авганистан, и тоа најмногу со хашиш, велат најновите податоци на српските безбедносни служби, дознава српскиот весник „Блиц“.
Најновите информации од терен покажуваат дека организаторите на шверцувањето во Србија заочнале уште еден бизнис – проституирање на девојките и жените емигрантки.
– Неколку емигрантки се вклучени во проституцијата во Белград. Најинтересно е тоа што работат заедно со наши девојки, стационирани под Панчевачки мост. Веќе неколку полициски патроли ги забележаа. Седат со нашите девојки на местото каде што се врбуваат клиенти. Легитимирани се, но ниедна не е фатена на дело, па ниедна не е приведена – вели за весникот извор упатен во последниот извештај за движењето на мигрантите низ Србија.
Во Србија моментално има околу 7.000 мигранти, најмногу од Авганистан, Сирија, Пакистан. Повеќе од пет илјади се сместени во прифатните центри, а останатите се главно по парковите, најголемиот дел во Белград.
– Низ Србија сега поминува класата на сиромашни мигранти, кои ни кога тргнале на пат немале доволно пари за основни потреби, а не пак за луксуз. Меѓу нив има и доста кои баш поради тоа од Авганистан тргнале со дрога, посебно хашиш кој таму е многу подостапен и поевтин. Тие го знаат движењето на пазарот и со таа дрога си го плаќаат патот кон Европа. Првите информации укажуваат дека со дрогата му плаќаат на организаторите кои се најчесто од Бугарија и од Македонија, но и дека дилаат и меѓу мигрантите. Во моментот кога беше најголемиот бран на мигранти, на целиот транзитен пат, па и во Белград, дојде до нагло паѓање на цената на дрогата. Таа промена покажува дека се работи за голема количина на дрога, за до толку да ги собори цените на нарко-пазарот на Балканот – вели изворот.
Тој наведува дека било само прашање на време кога организаторите од Бугарија и од Македонија, ќе кренат со врбување и сексуална екплоатација на жени.
– Дрогата и проституцијата се најбрзиот пат до голема заработувачка. Тие девојки се присиени на проституција, за себе и семејството да си обезбедат продолжеток на патувањето. Очигледно е дека се врбувани од наши државјани, бидејќи само тие можат да им обезбедат позиции за работа под строгото око на српските макроа – вели тој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.