| четврток, 6 декември 2018 |

Возачот на камионот на смртта бил убиен неколку часа пред нападот во Берлин

berlin-masakr

Полскиот возач на камионот кој беше употребен во терористичкиот напад врз божикниот базар во германската престолна Берлин вечерта на 19-ти декември, бил убиен со истрел во главата неколку часа пред нападот и не можел да се обиде да го спречи како што претходно се претпоставуваше, пишува дневниот весник Билд.

Весникот се повикува на доверлив извештај на судската медицина во кој се наведува дека возачот 37-годишниот полски државјанин Лукаш Урбан во борбата со 24-годишниот Тунижанец Анис Амри во кабината на камионот најпрво бил неколкупати избоден со нож а потоа му било пукано во главата, и тоа во периодот меѓу 16,30 и 17,30 часот, пред изведувањето на нападот околу 20 часот. Лекарите не исклучуваат сосема дека возачот во времето на нападот можеби уште бил жив, но сосема ја исклучуваат можноста дека бил во состојба да го попречи напаѓачот.

Минатата седмица Билд пишуваше дека возачот најверојатно бил жив и се обидел да го попречи напаѓачот и да му ја презема контролата над воланот. Оваа верзија се потпира на фактот дека камионот со кој се убиени 12 а повредени уште 48 лица, откако 80 метри возел низ просторот на саемот нагло скршнал излегувајќи од оградениот простор.

Министерот за внатрешни работи на Берлин, кој е и сојузна покраина, Андреас Гејзел во петокот рече дека Урбан „многу веројатно“ се обидел да го спречи нападот со преземање на контролата над воланот од напаѓачот кој во петокот го застрела италијанската полиција во Милано.

Поради ваквите информации, во Германија во понеделникот беше покрената иницијатива којашто веднаш ја потпишаа повеќе десетици илјади луѓе, со цел да ги поттикне властите постхумно да му го доделат највисокото германско национално одликување на полскиот возач чијашто интервенција можеби спасила многу животи во нападот во кој беа усмртени 12 и повредени уште 48 луѓе.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top