Полскиот возач на камионот кој беше употребен во терористичкиот напад врз божикниот базар во германската престолна Берлин вечерта на 19-ти декември, бил убиен со истрел во главата неколку часа пред нападот и не можел да се обиде да го спречи како што претходно се претпоставуваше, пишува дневниот весник Билд.
Минатата седмица Билд пишуваше дека возачот најверојатно бил жив и се обидел да го попречи напаѓачот и да му ја презема контролата над воланот. Оваа верзија се потпира на фактот дека камионот со кој се убиени 12 а повредени уште 48 лица, откако 80 метри возел низ просторот на саемот нагло скршнал излегувајќи од оградениот простор.
Министерот за внатрешни работи на Берлин, кој е и сојузна покраина, Андреас Гејзел во петокот рече дека Урбан „многу веројатно“ се обидел да го спречи нападот со преземање на контролата над воланот од напаѓачот кој во петокот го застрела италијанската полиција во Милано.
Поради ваквите информации, во Германија во понеделникот беше покрената иницијатива којашто веднаш ја потпишаа повеќе десетици илјади луѓе, со цел да ги поттикне властите постхумно да му го доделат највисокото германско национално одликување на полскиот возач чијашто интервенција можеби спасила многу животи во нападот во кој беа усмртени 12 и повредени уште 48 луѓе.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.