| четврток, 6 декември 2018 |

Обновен уште еден објект во Старата скопска чаршија

Во рамките на проектот на Министерството за култура за конзервација и реставрација на фасади во старите градски јадра, обновен е уште еден објект лоциран во Старата скопска чаршија. Станува збор за објект на улица „Евлија Челебија“ бр. 3а, кој е еден од најстарите дуќани за боење текстил, што е евидентно од автентично зачуваниот и сè уште во функција технолошки процес.

Овој дуќан во Старата скопска чаршија датира од почетокот на 20 век и содржи автентично зачувани архитектонски карактеристики типични за дуќаните од тој период. Со проект за конзерваторско-реставраторски интервенции, кој го изведуваат стручни екипи на Конзерваторски центар Скопје, се зачуваа неговите архитектонско-стилски вредности и се овозможи враќање на автентичниот изглед на фасадата на овој објект.

СТАРА ЧАРШИЈА

Во изминатиот период, како што е наведено во соопштението од Министерството за култура, беа преземени повеќе активности за ревитализација на Старата скопска чаршија со цел враќање на сјајот на оваа најголема чаршија во Република Македонија од средновековен и ориентален тип. Со акцискиот план за реконструкција на повеќе фасади во градските јадра во повеќе градови низ земјава, во Старата скопска чаршија беа обновени фасадите на три објекти кои имаат впечатливи архитектонско-стилски карактеристики и препознатлив стилски израз особено во фасадниот дел. Следната година, освен обновата на фасадата на црквата „Свети Спас“, Конзерваторскиот центар Скопје треба да изработи уште пет проекти за обнова на нови фасади во Старата скопска чаршија.

Со Законот и Програмата за ревитализација кои беа донесени во 2009 година, на дело се спроведува еден интегриран пристап за трајно зачувување на сите вредности на Старата чаршија и се преземаат долгорочни мерки за обнова, одржлив развој, стопанско и културно реактивирање на оваа целина.

Во соработка со Градот Скопје и Општина Чаир, во изминатиот период беа реализирани голем број проекти, а на повеќе пунктови беа поставени и канделабри за осветлување на оваа значајна споменична целина.

Препознавајќи го потенцијалот на Старата скопска чаршија како место на кое може да се развиваат креативноста и иновативноста во уметноста, Министерството за култура во 2010 година додели простор во Безистенот во Старата скопска чаршија за ателјеа на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, како и на здружението АРТ–визија.

Простории, како што е наведено во соопштението, беа доделени и за два субјекта кои ги развиваат занаетите во Старата скопска чаршија и кои беа предложени од страна на Сојузот на стопанските комори: Здружението на филигранисти на Македонија и Здружението на граѓани „Женски форум” – Тетово, како и на Детскиот театарски центар. Во Безистенот, Друштвото на ликовни уметници во изминатите години реализираше повеќе од 40 изложби на самостојни уметници и групни изложби.

Во Сули ан беше отворена нова постојана музејска поставка посветена на најавтентичното јадро на нашиот главен град, симболот на нашата метропола – Старата скопска чаршија. Беше промовирана и публикација насловена „Скопје и Старата скопска чаршија“ која ја истакнува важноста на оваа значајна споменична целина и уште еднаш ги потенцира значењето и безвременската убавина на Скопје и на Старата скопска чаршија. Во Старата скопска чаршија традиционално се одржуваат и голем број културни активности, како што се: многубројните настани кои се реализираат во рамките на Скопско лето, изложби, концерти на класична музика, проекција на филмски остварувања, манифестацијата Звуците на Чаршијата, поетски манифестации и многу други настани, а во Детскиот театарски центар континуирано има претстави.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top