Марјан Димитриевски е најдобар полицаец, Ѕвонко Стојановски е најдобар пожарникар, а Љупчо Велковски најдобар крводарител за 2016 година во Скопје.
Наградите на најхрабрите и најхуманите луѓе во Град Скопје за 2016 година денеска им ги врачи градоначалникот Коце Трајановски.
– Град Скопје традиционално доделува награда за најдобар полицаец, крводарител и пожарникар. Наградата изнесува 10.000 денари. Ги наградуваме најхуманите и најхрабрите. Со тоа сакаме да ги поттикнеме и останатите кои работат во овие области да бидат хумани, храбри и пожртвувани во извршувањето на своите задачи, рече Трајановски.
Најдобриот полицаец за 2016 година Марјан Димитриевски е вработен во Полициската станица Гази Баба од 1992 година. Осврнувајќи се на годинава што истекува, Димитриевски ги издвои поплавите во Стајковци каде што им пружале помош на поплавените и повредените.
Најдобриот пожарникар за годинава Ѕвонко Стојановски е вработен во Бригадата за противпожарна заштита од 1989 година. И тој ги издвои поплавите во Сингелиќ, Стајковци и Арачиново каде работеле две недели. Годинава тој учествувал во гаснење на повеќе од 50 пожари и учествувал во други интервенции.
Најдобриот крводарител Љупчо Велковски досега дарувал 120 пати крв, а просечно дарува четири пати годишно или на секои три месеци. Тој додаде дека не ги чека акциите за да дарува крв, туку тоа го прави самоиницијативно.
Град Скопје ги награди најдобрите со благодарници и со 10.000 денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.